• сабота, 27 јули 2024

Црковно-народен собир во делчевското село Драмче за празникот свети Архангел Михаил

Црковно-народен собир во делчевското село Драмче за празникот свети Архангел Михаил

Делчево, 21 ноември 2023 (МИА) – Општонароден црковен собир за верскиот празник свети Архангел Михаил денеска се одржува кај истоимената црква во делчевското село Драмче. Во рамки на настанот фолклорната група „Копачка“ ќе во одржи вториот концерт како дел од одбележувањето на 75 години постоење на групата.

- Денеска имаме концерт на собориштето кај црквата „Св. Архангел Михаил“, во с. Драмче. Ќе грмнат тапаните на ЗФГ „Копачка“, с. Драмче, Делчево и ќе се леат пијанечките изворни ора во кои предничи орото Копачката, кое е национално и светско културно наследство впишано во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото. Благодарност до градоначалникот на Општина Делчево, до Министерството за култура, до Месната заедница и до Црковниот одбор во с. Драмче за поддршката во реализацијата на нашите прослави, активности и проекти, истакна претседателката на групата Перса Стојановска.

Црквата „Св. Архангел Михаил“ во село Драмче, каде по концертот ќе се служи заеднички ручек за присутните, како што истакнаа мештани од селото, некогаш се сметала за центар на црковниот и просветниот живот во Драмче и неговата околина.

- Црквата „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа кај Старото Село, позната како Шарена црква. Оваа црква градена според народното предание врз темелите на големата црква „Св. Богородица“. Била разрушена до темел, во исто време, кога биле опустошени и црквите во Црквенец, Селник и други населби. Не е познато кога точно е градена оваа црква. Се претпоставува дека е средновековна, од 11 век. Целата внатрешност била со прекрасен фрескоживопис. Црквата е еднокорабна и е градена со камен и оросан и покриена со камен. И покрај преземените мерки за заштита, таа во неколку наврати била опожарувана од страна на Османлиите, велат мештаните.

Самата црква како што додаваат е една од највредните споменици на културата во Пијанец заштитена со Законот за заштита на културното наследство.

- Тука, секоја година, со векови, се собираат драмчани и мештаните од околните села од целиот регион како и градот Делчево. Палат свеќи за здравје и се служи црковен ручек. Во непосредна близина на црквата се наоѓаат остатоците од првото училиште во Драмче кое било отворено 1869 година, додаваат тие.

Од црковниот одбор информираа дека годинава за посетителите ќе бидат послужени 8 котли со традиционален ручек кој се подготвува за вакви пригоди. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан