Црвен крст Крива Паланка реализира активности за заштита од топлотен бран
- Волонтери на општинската организација на Црвен крст-Крива Паланка реализираат активности согласно препораките за заштита на населението од топлотен бран, пришто во изминатите неколку денови опфатиле над 250 граѓани на кои им се поделени флаери со препораки за заштита.
Крива Паланка, 30 јуни 2025 (МИА) - Волонтери на општинската организација на Црвен крст-Крива Паланка реализираат активности согласно препораките за заштита на населението од топлотен бран, пришто во изминатите неколку денови опфатиле над 250 граѓани на кои им се поделени флаери со препораки за заштита.
Од ОО Црвен Крст Крива Паланка информираат дека од 25 до 27 јуни биле спроведени активностите на терен во градскиот парк и централното градско подрачје.

- Нашите волонтери и денес од 11 часот се на терен и активно делат шишиња со вода на минувачите, мерат притисок и шеќер во крвта на присутните лица во градскиот парк, делат флаери со препораки за заштита од топлотен бран и им укажуваат на граѓаните да избегнуваат излегување во најтоплиот период од 11 до 17 часот и да се заштитат од несакани последици од високата температура, изјави Маја Илиевска, в.д секретар на ОО Црвен крст-Крива Паланка.
На терен се десетина волонтери поделени во тимови, а како што информира Илиевска, во постојана комуникација се и со волонтерите и негувателите од "Нега Центар" кои секој работен ден им пружаат нега и грижа во домашни услови на старите и изнемоштени лица од општината.
Посочи дека активности за заштита од топлотен бран согласно препораките од надлежните институции ќе бидат реализирани и во текот на оваа недела. ид/дма/
Фото: ОО Црвен Крст Крива Паланка