• четврток, 04 декември 2025

Црвениот крст тврди дека враќањето на телата на израелските заложници може да потрае со недели

Црвениот крст тврди дека враќањето на телата на израелските заложници може да потрае со недели

Женева, 14 октомври 2025 (МИА) - Предавањето на телата на мртвите заложници во Појасот Газа може да потрае со денови или недели, соопшти денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Со оглед на уништувањето на зградите и инфраструктурата во крајбрежната енклава, понекогаш е тешко да се лоцираат останките, изјави денес во Женева портпаролот на МКЦК, Кристијан Кардон. 

-Постојат јасни индикации дека ова може да потрае значително подолго поради тешкотијата во потрагата по останките во Газа што може да бидат под урнатините, објасни Кардон.

Не може да се исклучи можноста некои тела никогаш да не бидат пронајдени, истакнува агенцијата ДПА.

Во сите дискусии, МКЦК нагласува колку е важно враќањето на останките за семејствата на жртвите, како и за евентуално помирување по завршувањето на војната.

Црвениот крст не знае однапред кога и каде телата ќе му бидат предадени во Појасот Газа. Како што беше случајот вчера, информациите за ова често пристигнуваат во последен момент. Хуманитарната организација не е вклучена во потрагата по безживотни тела.

Хамас вчера ги предаде телата на четворица од 28-те мртви заложници на Израел преку МКЦК. Во Израел расте гневот и фрустрацијата поради предавањето на само неколку тела, за кои војската денес соопшти дека се идентификувани.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан