• петок, 05 декември 2025

ЦИК на Косово: Излезноста до 11:00 помала од последните локални избори

ЦИК на Косово: Излезноста до 11:00 помала од последните локални избори

Приштина, 12 октомври 2025 (МИА) – До 11:00 часот во Косово гласале 7,84 отсто од граѓаните со право на глас, изјави претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) Крешник Радоњиќи на прес-конференција.

Според податоците на ЦИК, по обработката на 94 отсто од избирачките места до 11:00 часот гласале 158.691 граѓанин, односно 7,84 отсто од запишаните избирачи.

Радоњиќи истакна дека излезноста е пониска во споредба со претходните локални избори одржани во 2021 година, кога до 11 часот гласале 8,2 отсто од бирачите.

Денеска во 7:00 часот беа отворени 945 гласачки центри со 2.571 гласачко место за избори за градоначалници и советници во 38 општини, со право на глас за 2.069.098 избирачи.

За градоначалници се пријавени 206 кандидати, од кои 20 жени, а за советници се кандидирале 5.420 кандидати.

Предизборната кампања траеше до утрово во 7:00 часот, кога почна гласањето и изборната тишина, до завршувањето на гласањето во 19:00 часот.

Како што е вообичаено, изборниот ден почна со гласањето на претседателот на ЦИК на Косово, Крешник Радоњиќи, во Пеќ.

Последната недела на кампањата за локалните избори на Косово помина со меѓусебно почитување на кандидатите за градоначалници и советници, без непримерен говор и без инциденти кои би можеле да влијаат на текот на кампањата, соопштија локалните невладини организации, пренесе Бета.

До сега се изречени казни на политичките субјекти во висина од околу 32.000 евра, што е околу пет отсто од 640.000 евра наплатени на изборите за косовскиот парламент одржани на 9 февруари оваа година.

За Србите на Косово, овие избори се важни бидејќи се сметаат за тест за нивното враќање во институционалните рамки на Косово.

Во српската заедница постои загриженост околу заштитата на правата и слободите, проблеми со упис и бришење избирачи, како и перцепција дека одредени изборни процеси не се целосно транспарентни.

Лидерите на партии, иако станува збор за локални избори, повремено ги вклучуваа и државните теми, како односите со Србија, дијалогот, статусот на Косово во меѓународните организации, безбедноста и соработката со НАТО, како и санкциите на ЕУ и односите со западните партнери, улогата на Српската листа и прашањето на српската заедница.

Кај српските политички субјекти, особено кај Српската листа, која има поддршка од официјален Белград, кампањата многу помалку се занимаваше со локални прашања како инфраструктура и социјални услуги, а многу повеќе со национални и безбедносни прашања, како враќање во косовските институции, заштита на правата на Србите, безбедност во општините на северот и односите со Белград. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан