• понеделник, 23 декември 2024

Цените на становите во Скопје со раст од седум проценти во четвртиот квартал лани

Цените на становите во Скопје со раст од седум проценти во четвртиот квартал лани

Скопје, 10 јануари 2024 (МИА) - Цените на становите во Скопје во четвртиот квартал од 2023 година се зголемиле за седум проценти во однос на истиот период од претходната година, а за еден процент споредено со третиот квартал, покажува индексот на цени на станови на Народната банка

Најновите податоци за цените на становите се продолжение на намалувањето на растот што се бележи од почетокот на минатата година. 

Во првиот квартал  лани цените на становите бележаат раст од 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво. Во второто тримесечие од минатата година растот на годишно ниво изнесуваше 12,9 отсто, а на квартално 1,6 отсто. Намалувањето на цените продолжи и во третиот квартал кога растот на годишно ниво беше 11 проценти, а во однос на претходниот квартал 2,9 проценти. 

Претходната 2022 година, пак имаше нагорен тренд, во првиот квартал становите поскапеа за 12,4 отсто  на годишно ниво, по што следеше раст од 16,6 отсто во вториот квартал, од 21,2 отсто во третиот и од 20,6 проценти во четвртиот квартал.

Народната банка го подготвува индексот на цените на становите за територија на Скопје, врз основа на податоци коишто се однесуваат на огласите за продажба објавени од агенциите кои се занимаваат со прометот со недвижности. 

Според последните податоци на Државниот завод за статистика за издадени одобренија за градење за октомври 2023, во Скопскиот регион е предвидена изградба на 323 нови станови, од кои 194 во Општина Гази Баба, 53 во Центар, 51 во Петровец... Во 2023 година во јануари била предвидена изградба на 183 станови, во февруари 892, во март 97, во април 89, во мај 76, во јуни 217, во јули 73, во август 527, а во септември 216 станови. лв/бак/

Фото: МИА, Принтскрин 

 

 

 

 

Остани поврзан