• понеделник, 30 декември 2024

ЦДУ води во Саксонија, АфД во Тирингија, неизвесно дали СПД на Шолц ќе го мине изборниот праг

ЦДУ води во Саксонија, АфД во Тирингија, неизвесно дали СПД на Шолц ќе го мине изборниот праг

Берлин, 1 септември 2024 (МИА) - Христијанско демократската унија (ЦДУ) води со мала предност пред екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на парламентарните избори во источната германска покраина Саксонија, покажуваат првичните излезни анкети, јави ДПА.

Прогнозите на јавните радиодифузери АРД и ЦДФ предвидуваат дека ЦДУ ќе освои речиси една третина од гласовите во Саксонија, додека АфД е втора со заостанување меѓу 0,5 и 1,5 отсто.

Предвидувањата се дека новоформираната популистичка левичарска партија БСВ на Сара Вагенкнехт ќе заврши на третото место.

Во Тирингија, пак, втората германска покраина каде што денеска се одржуваат избори, се предвидува сигурна победа на АдФ, пред ЦДУ и БСВ на Сара Вагенкнехт.

Засега е неизвесно дали трите владејачки партии на сојузно ниво – Социјалдемократите на германскиот канцелар Олаф Шолц, Зелените и либералната ФДП ќе успеат да го достигнат изборниот праг од пет проценти и да влезат во парламентите на Саксонија и Тирингија.

Според политичките аналитичари, Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц се соочува со тежок изборен тест, бидејќи исходот од изборите во покраините Саксонија и Тирингија во Источна Германија би можеле да ја доведат во сомнеж неговата коалиција на сојузно ниво.

Иако овие две покраини бројат само шест милиони жители (четири во Саксонија и два во Тирингија) - што е помалку од 8% од вкупната германска популација - изборите би можеле да имаат големо влијание врз Германија како целина.

Подемот на радикалните партии од десницата и од левицата во Источна Германија ќе се смета како голем укор за трипартитната коалициска влада на Шолц, која по слабиот резултат на европските избори се бори да опстане.

Ако сегашните прогнози се исполнат, резултатот можа предизвика политички шокови низ Германија и ќе го илустрира степенот до кој гласачите, особено на истокот на земјата, се бунтуваат против главните политички партии, оценуваат аналитичарите.са/

Фото: ЕПА/МИА архива

 

 

Остани поврзан