Хути: Најмалку осум лица загинаа во американски воздушни напади врз Јемен
- Најмалку осум лица загинаа, а 16 се ранети во американските воздушни напади во реонот на пристанишниот град Ходеида во Јемен во вторникот вечерта, соопштија јеменските бунтовници Хути.

Ходеида, 9 април 2025 (МИА) - Најмалку осум лица загинаа, а 16 се ранети во американските воздушни напади во реонот на пристанишниот град Ходеида во Јемен во вторникот вечерта, соопштија јеменските бунтовници Хути.
Според Хутите, во американските напади врз Јемен досега загинале најмалку 81 лице.
Во областа што синоча беше гаѓана се наоѓа градски аеродром кој претходно бунтовниците го користеа за мета на бродови во Црвеното Море.
Други напади беа насочени кон јеменскиот планински регион Амран, северно од главниот град Сана, контролиран од бунтовниците.
Хутите рекоа дека во областа Амран, американските сили целеле на телекомуникациската опрема.
Централната команда на американската војска, која ги надгледува американските воени операции, сега има овластување од Белата куќа да изврши напади врз цели во Јемен во кампањата што започна на 15 март.
Белата куќа соопшти дека досега се извршени над 200 напади врз цели на јеменските Хути.
Новата кампања на американски воздушни напади започна откако бунтовниците се заканија дека повторно ќе почнат да гаѓаат израелски бродови бидејќи Израел го блокира влегувањето на хуманитарната помош во Појасот Газа.
Хутите гаѓаа повеќе од 100 трговски бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив со проектили и беспилотни летала, потопија два брода и убија четворица морнари од ноември 2023 година до јануари оваа година. паг/
Фото: МИА архива