• петок, 22 ноември 2024

Хуморот и сатирата преовладуваат низ вевчанските улици, дефиле на Вевчански карневал

Хуморот и сатирата преовладуваат низ вевчанските улици, дефиле на Вевчански карневал
Вевчани, 13 јануари 2022 (МИА) – Талибанци во акција, инвестиции во струјата, зелена енергија, вакцинални пунктови, пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски..., беа само дел од маските што денеска продефилираа низ вевчанските улици во рамките на Вевчанскиот карневал. Вевчанци на шеговит начин го прикажаа и копањето биткоинти, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“, потсетија на екс премиерот Никола Груевски со бадниковото лепче, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ, како и неговиот настап на „Австралија опен“. Не ја заборавија ниту хуманоста на словенечките пожарникари, кои помогнаа во гаснењето на пожарите во земјава, а неизоставен дел се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните, но и други маски со секојдневни и несекојдневни содржини. Градоначалникот Спасе Кочовски претходно соопшти дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чувства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин и на нив не треба да се гледа суетно. - Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука, можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски. Карневалското дефиле го следеше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со очекување дека ќе преовладува весел дух, а на вевчанци им посака успешни карневалски денови. На новинарско прашање дали очекува неговиот лик да го види меѓу маскираните, рече дека ја поздравува сатирата и ги охрабри вевчанци да бидат што покреативни. - Што се не поминав овие последни четири години, така што ништо нема да ме изненади од недобро намерните, а знам дека тие луѓе се таму сите добро намерници, така што сатирата на денешниот карневал ја поздравувам и ја поддржувам и оваа традиција треба да продолжи. Така што не сум од оние луѓе коишто лесно се навредуваат. Напротив, ги охрабрувам да бидат што повеќе креативни, изјави Мицкоски. Според традицијата, двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски продолжуваат со дефиле низ вевчанските улици. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. сс/мд/

Остани поврзан