Хукстра: Врската меѓу конкурентноста и климатската и енергетската независност е и треба да биде во фокусот на европската политика
- Сметам дека она што е или треба да биде во фокусот на европската политика, врската меѓу конкурентноста и климатската и енергетската независност, е она што овде го гледам во пракса. Верувам дека ова е пример за сите нас и навистина треба да нè инспирира сите во Европа за начинот на кој ќе се движиме напред, рече европскиот комесар за клима, нето нулта емисија и чист развој Вопке Хукстра на почетокот на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 27 мај 2025 (МИА) – Сметам дека она што е или треба да биде во фокусот на европската политика, врската меѓу конкурентноста и климатската и енергетската независност, е она што овде го гледам во пракса. Верувам дека ова е пример за сите нас и навистина треба да нè инспирира сите во Европа за начинот на кој ќе се движиме напред, рече европскиот комесар за клима, нето нулта емисија и чист развој Вопке Хукстра на почетокот на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Хукстра, како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, разговарале за обврски на ЕУ за климата, паралелно со економскиот раст и поддршката на конкурентноста на европската индустрија.
Еврокомесарот, ја пофали работата на грчката Влада и она што земјата го постигна во економијата, коментирајќи дека „е навистина многу импресивно“, но и во однос на поврзаноста со чистиот раст и климата.
Грчкиот премиер, според информациите од неговиот кабинет, нагласил дека Грција е на добар пат да ги спроведе целите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови, посочил дека земјата има избалансиран енергетски микс, со зголемено продирање на обновливите извори на енергија, притоа осврнувајќи се особено на транзициската употреба на природниот гас.
Дополнително, Мицотакис го истакнал прашањето за нарушувањата на енергетскиот пазар, што доведува до големи разлики во цените на електричната енергија меѓу земјите од ЕУ, нагласил дека ваквите отстапки се неприфатливи и ја повторил важноста на меѓусебната поврзаност меѓу земјите-членки на Унијата и ја истакнал потребата зелената транзиција да оди рака под рака со високата конкурентност на европската економија.
- Размислував дека денови како денешниот кога е сончево, има нормален ветер и потрошувачката на енергија не го достигнала летниот максимум, произведуваме значаен дел од нашата енергија, покриваме значаен дел од нашите енергетски потреби од обновливи извори. Како што знаете, се наоѓаме на првата линија на зелената транзиција. Секако, подеднакво сме заинтересирани да гарантираме зелената транзиција да се одвива на начин што нема да ја поткопа конкурентноста на европската и грчката економија, особено индустриската база, посочи Мицотакис на почетокот на средбата. ср/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер