• петок, 24 мај 2024

Хрватска гласа за нов состав на Саборот

Хрватска гласа за нов состав на Саборот

Загреб, 17 април 2024 (МИА) - Во Хрватска денеска се одржуваат 11-те парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 1991 година. Во 7:00 часот отворени се над 6.500 избирачки места на кои ќе може да се гласа до 19 часот, до кога е во сила изборниот молк.

Во Хрватска денеска е неработен ден. Иако во Хрватска беше вообичаено да се оди на гласање во недела, овојпат изборите беа најавени за в среда. Не е првпат во Хрватска избори да не се одржуваат во недела - парламентарните избори во 2000 година се одржаа во понеделник, на 3 јануари, поради новогодишните празници.

Право на глас имаат 3.733.283 хрватски граѓани, што е за 127.000 или три отсто помалку од претходните парламентарни избори во 2020 година. Тие се поделени во вкупно 12 изборни единици: 10 се распоредени на територијата на сите окрузи во Хрватска, 11-та е гласот на дијаспората, а 12-та е составена од гласачи на националните малцинства.

Во секоја од првите 10 изборни единици, во парламентот се избираат по 14 пратеници, додека три мандати избираат дијаспората и Хрватите кои живеат во Босна и Херцеговина, а осум доаѓаат од редовите на партиите на Србите и другите малцинства.

Во 11 изборни единици пријавени се вкупно 165 листи, а од малцинските листи има уште 17 кандидати.

Се избираат 151 пратеник, па за мнозинство во хрватскиот Сабор потребно е да се добијат 76 мандати.

Прелиминарните резултати ќе бидат познати веќе во текот на изборната ноќ.

Парламентарните избори во Хрватска ги следат вкупно 5.333 набљудувачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). За следење на работата на изборните комисии и избирачките одбори на избирачките места во Хрватска се пријавени 5.246 набљудувачи.

На овие парламентарни избори учествува и претседателот на Републиката Зоран Милановиќ oд листата на СДП, како кандидат за премиер. Негов главен ривал е актуелниот премиер Андреја Пленковиќ од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Аналитичарите очекуваат дека ХДЗ ќе победи на изборите, но и дека партијата нема да може сама да формира влада, додека ако СДП се обиде да формира влада, ќе и бидат потребни партнери од десницата.

Социјалните, економските и надворешнополитичките прашања беа на маргините за време на кампањата, иако ХДЗ на Пленковиќ долго време беше предмет на критики поради бројните корупциски скандали и злоупотребата на фондовите на Европската Унија. Иако Пленковиќ негираше вмешаност на партијата во скандалите и изјави дека платите во Хрватска пораснале за 8,6 отсто во однос на 2023 година, а земјата забележала економски раст од 2,8 отсто, многу повисок од просекот во ЕУ, довербата на гласачите сепак опаѓа.

Последните анкети покажуваат дека ХДЗ, проевропска десничарска партија која ја водеше земјата независно или во коалиција 26 од скоро 33 години откако Хрватска прогласи независност, може да смета на 60 места во 151-члениот парламент - шест помалку од претходно.

СДП може да смета на три пратеници повеќе отколку што има сега - 44 наместо 41, покажуваат анкетите.

Самиот Милановиќ предизвика вознемиреност, главно на меѓународната политичка сцена, противејќи се на зголемувањето на помошта за Украина, за разлика од повеќето членки на ЕУ, а понекогаш настапуваше и со отворени проруски ставови, наведува Би-Би-Си.

Предизборната игра се вртеше околу имињата на претседателот на републиката и премиерот, чиј конфликт веќе неколку години е во центарот на хрватската политика.

Кога Милановиќ на 15 март објави дека „дојде време да се оседлаат коњите“, објавувајќи ја својата кандидатура за премиер на изборите на 17 април, предизвика вистински земјотрес на хрватската политичка сцена.

Уставниот суд набрзо му забрани на Милановиќ директно учество на изборите и премиерска кандидатура се додека не поднесе оставка од претседателската функција, што до ден денес не го сторил.

Милановиќ најави катарза и „запирање на хрватската трагедија“, а од СДП главно ја обвинуваа ХДЗ за корупција.

Премиерот Пленковиќ претходно го нарече Милановиќ „скриен лидер на опозицијата“. Сето ова што се случува е обид за мини пуч, злоупотреба на институциите“, рече тогаш Пленковиќ. 

Парламентарните избори во Хрватска, кои се одржуваат денеска, се сметаат за прв чекор во „супер изборната година“ во таа земја, која ги вклучува европските избори во јуни и хрватските претседателски избори во декември. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан