• вторник, 05 ноември 2024

Хоти: Ако не се постигне договор Косово ќе се врати на целосен реципроцитет со Србија

Хоти: Ако не се постигне договор Косово ќе се врати на целосен реципроцитет со Србија

Приштина, 21 октомври 2020 (МИА) - Косовскиот премиер Авдулах Хоти е убеден дека во наредните неколку месеци ќе се затвори дијалогот со Србија и дека конечниот резултат ќе биде меѓусебното признавање на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се на денешната седница на Собранието на Косово, на чиј дневен ред се интерпелациите за неговата работа, Хоти рече дека доколку не дојде до меѓусебно признавање, тогаш заедно со меѓународните партнери ќе се констатира дека не може да се постигне договор.

Во тој случај, порача косовскиот премиер, ќе се воведе целосен реципроцитет кон Србија.

- Овој дијалог се води единствено за конечен договор со меѓусебно признавање. Овој дијалог е прашање на месеци и околу тоа немам илузии. Не знам дали ќе се затвори со меѓусебно признавање, би сакал да се заврши со признавање, но знам дека ќе му дојде крајот за неколку месеци. Тогаш ќе донесеме договор за меѓусебно признавање во ова Собрание, или заедно со меѓународните партнери ќе констатираме дека не може да се постигне договор. Ви гарантирам дека ќе се вратиме на целосен реципроцитет во секој аспект кон Србија, изјави Хоти.

Во Собранието на Косово денеска на дневен ред се итерпрелациите за работата на Хоти, и тоа за одредбите од договорот што го потпиша во Вашингтон со претседателот на Србија Александар Вучиќ, за мораториум на барањата на Косово за зачленување во меѓународни организации и за приклучувањето на Косово кон балканскиот мини-Шенген, како и за имплементацијата на договорот за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население. иа/ми/

Остани поврзан