• петок, 22 ноември 2024

Хорнер: Формула 1 треба да ги спаси тимовите кои се пред банкрот

Хорнер: Формула 1 треба да ги спаси тимовите кои се пред банкрот
Милтон Кинс, 19 април 2020 (МИА) - Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер изјави дека раководството во Формула 1 треба финансиски да им помогне на тимовите кои се изложени на ризик од банкрот заради кризата со коронавирус. Девет стартови на календарот за оваа сезона се одложени или откажани, а се чини веројатно дека во 2020 година нема да има Формула 1, што ќе биде штетно за некои од тимовите во најпопуларната автомобилска трка. Според Хорнер, сопствениците на Формула 1 - „Либерти Медиа“, ќе треба да се вмешаат за да ги поддржат клубовите. - Ова може да биде огромен удар за спортот и „Либерти“ ќе мора да интервенира. Тоа е нивниот бизнис, тие треба да решат како ќе ги спасат овие тимови затоа што им требаат тимови за да се натпреваруваат. Мислам дека „Либерти“ ќе стори сé што е во нивни сили, за сите десет екипи да можат да се натпреваруваат следната година. За да ги заштитат своите бизниси, верувам дека ќе платат што е потребно за да се спасат овие тимови, коментира Хорнер. Во моментов, првиот старт на Формула 1, кој сè уште не е одложен, е француското Гран-при, што ќе се одржи на 28 јуни во близина на Марсеј. Откако претседателот Емануел Макрон на почетокот на оваа недела објави дека карантинот во земјата е продолжен, се чини скоро сигурно дека оваа трка нема да се одржи.

Тагови

Остани поврзан