Холандските партии со осуда на насилните антимигрантски протести во Хаг
- Водечките холандски политички партии го осудија насилното однесување на неколку стотици екстремно десничарски активисти за време на антимигрантските протести во Хаг викендов, при кои демонстрантите се судрија со полицијата, кусо блокираа еден од автопатите кон градот, запалија полициско возило и демолираа простории на либералната партија Демократи 66 (Д66).
Брисел, 22 септември 2025 (МИА) - Водечките холандски политички партии го осудија насилното однесување на неколку стотици екстремно десничарски активисти за време на антимигрантските протести во Хаг викендов, при кои демонстрантите се судрија со полицијата, кусо блокираа еден од автопатите кон градот, запалија полициско возило и демолираа простории на либералната партија Демократи 66 (Д66).
Според холандските медиуми, до инцидентот дошло кога демонстрантите, претежно облечени во црно, кои носеле холандски и знамиња на екстремно десничарски групи, почнале да маваат со камења и шишиња кон полицајците, кои возвратиле со употреба на солзавец и водени топови.
Протестите се одржаа на повик упатен преку социјалните мрежи од десничарската активистка позната под псевдонимот „Елс Десно“ за одржување протестен собир во паркот Маливелд против миграцијата и со барање за построги правила за доделување азил.
Холандскиот премиер Дик Схоуф го осуди инцидентот порачувајќи дека нападите врз полицијата и канцеларијата на Д66 се „целосно неприфатливи“ и дека „секогаш има простор за протести, но никогаш за насилство“.
- Шокантни и бизарни сцени од бесрамно насилство во Хаг, објави Схоуф на Икс, изразувајќи увереност дека полицијата и обвинителството ќе ги уапсат и ќе ги гонат сторителите.
Лидерот на најголемата партија во холандскиот Парламент, десничарската Партија за слободата (ПВВ), Герт Вилдерс, исто така во објава на Икс, оцени дека блокадите на автопатите и нападите врз полицијата се „неприфатливи“.
Лидерот на опозицискиот блок на зелените и лабуристите и поранешен еврокомесар Франс Тимерманс осудувајќи го нападот, оцени дека ваквите случувања се поттикнати од „политичари кои сеат страв и поделба“.
Лидерката на моментно најголемата партија во техничката Влада, конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), Дилан Јешилгоз ја повика полицијата да се погрижи „овие ѓубриња да бидат уапсени, да добијат строги казни и да платат за целата штета“.
- Како се осмелувате да применувате насилство врз нашите полицајци?, на Икс наведе Јешилгоз, која е родена во Анкара и е со турско-курдско потекло.
И лидерот на Д66, Роб Јетен ги осуди случувањата, нарекувајќи ги демонстрантите „ѓубриња“.
- Ѓубриња. Држете ги рацете подалеку од политичките партии. Ако мислите дека можете да не заплашите, се лажете. Никогаш нема да дозволиме нашата прекрасна земја да биде заробен од екстремистички бунтовници, напиша Јетен на Икс.
Насилството го осуди и „Елс Десно“, наведувајќи дека никогаш немало да ги организира протестите ако го знаела нивниот исход.
- Претпоставував дека луѓето дојдоа мирно да демонстрираат, но за жал, од некоја причина, испадна сосема поинаку, напиша активистката на Икс.
Протестите се одржаа во пресрет на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за 29 октомври, до кои дојде откако ПВВ на Вилдерс ја напушти Владата што ја формираше со либералите и конзервативците по претходните избори одржани во ноември 2023 година.
Партијата на Вилдерс ја напушти Владата поради спор со коалициските партии околу миграциската политика, барајќи ограничување на миграцијата и построги за доделување азил. сп/јт/
Фото: Икс