• среда, 04 декември 2024

Хипер: Калас утре ќе се сретне со лидерите на Косово и на Србија 

Хипер: Калас утре ќе се сретне со лидерите на Косово и на Србија 

Брисел, 2 декември 2024 (МИА) - Претставничката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас утре ќе има средби со лидерите на Косово и Србија, најави денеска новата главна портпаролка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Анита Хипер.  

Таа појасни дека станува збор за билатерални средби, кои сами по себе, не се дел од процесот на дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води со посредство на ЕУ. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти утре ќе престојуваат во Брисел на неформална работна вечера со новиот претседател на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, на која ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.  

Хипер воедно порача дека ЕУ го осудува нападот врз каналот за вода во северно Косово во петокот и дека одговорните за тој чин треба да бидат изведени пред лицето на правдата, посочувајќи дека тоа беше наведено и во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) за оваа прашање. 

Во саботното соопштение на ЕЕАС се оценува дека „терористичкиот напад“ врз каналот во Зубин Поток во северно Косово претставува „одвратен чин на саботажа на критичната цивилна инфраструктура што обезбедува вода за пиење за значителен дел од населението и е витална компонента на енергетскиот систем на Косово“. 

- Криминалната акција извршена во Зубин Поток мора да се истражи, а нејзините сторителите да се изведат пред лицето на правдата. Во овој поглед, ЕУ ги повикува сите засегнати страни да соработуваат целосно со косовските власти и ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата, се наведува во соопштението на ЕЕАС. 

На прашање дели Цивилната мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) ќе учествува во истражната постапка за овој случај, Хипер изјави дека ЕУЛЕКС нема мандат да спроведува истраги, туку дека тоа е во надлежност на косовските власти, но дека Мисијата, како и КФОР, ќе ја следи истрагата и ќе обезбедува поддршка. 

Во соопштението на ЕЕАС од саботата беше посочено дека ЕУ им понудила поддршка на косовските власти и продолжува да ги координира следните чекори со релевантните партнери, вклучително и со КФОР, како и дека ЕУЛЕКС „обезбедува помош за косовските власти во согласност со неговиот мандат“. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан