Херцог во прва посета на Газа по 7 октомври 2023
- Израелскиот претседател Исак Херцог ја пофали службата на резервистите и активните војници за време на неговата прва посета на Газа од терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, и изјави дека Израел дејствува во согласност со меѓународното право.
Газа, 23 јули 2025 (МИА) – Израелскиот претседател Исак Херцог ја пофали службата на резервистите и активните војници за време на неговата прва посета на Газа од терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, и изјави дека Израел дејствува во согласност со меѓународното право.
За време на посетата, Херцог се сретна со војници и доби оперативен брифинг од раководителот на Јужната команда на ИДФ, генерал-мајор Јанив Асор, командантот на 99-та дивизија, бригаден генерал Јоав Брунер и други високи офицери.
Осврнувајќи се на напорите за обезбедување ослободување на заложниците кои сè уште се држат во Газа, Херцог на групи војници во Појасот им рече дека тие се борат „за да ја променат реалноста и да ги вратат заложниците“ и оти тоа е најитната мисија.
- Во моментов се водат интензивни преговори, благодарение на вашите постапки и на сите што се борат во Појасот. Вие сте тие што ќе ги донесете нашите заложници дома, рече Херцог.
На Херцог му беше покажан и контроверзниот механизам за хуманитарна помош поддржан од Израел и САД на територијата, кој во последните месеци предизвика остри критики – како за наводни убиства на цивили од страна на ИДФ во близина на местата за помош, така и за недоволно справување со хуманитарните потреби на Газа, пренесе Тајмс оф Израел.
- Ние дејствуваме овде и обезбедуваме хуманитарна помош во согласност со меѓународното право. Оние кои се обидуваат да ја саботираат таа помош се Хамас и неговите оперативци, кои се подготвени да сторат сè за да ги спречат нашите сили да ја демонтираат инфраструктурата што би можела да ни наштети нам и на нашите цивили, рече израелскиот претседател. јт/
Фото: МИА архива