• недела, 22 декември 2024

Хелсиншки комитет: Владата и ДИК сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост

Хелсиншки комитет: Владата и ДИК сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Хелсиншкиот комитет денеска соопшти дека Основниот граѓански суд во Скопје утврдил дека Владата и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. -Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата, соопштија од Хелсишкиот комитет. Судот, како што се наведува, ги задолжи Владата и ДИК, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат: пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места; пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила; пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост. Дополнително, Основниот граѓански суд во Скопје ги задолжи Владата и ДИК, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата. Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.  ев/аа/

Остани поврзан