• четврток, 19 декември 2024

Хезболах не добил официјален предлог за прекин на огнот, има оружје за долга војна

Хезболах не добил официјален предлог за прекин на огнот, има оружје за долга војна

Бејрут, 11 ноември 2024 (МИА) – Портпаролот на милитантната група Хезболах, Мохамад Афиф, денеска изјави дека групата не добила официјален предлог за прекин на огнот и оти има доволно оружје и залихи за да води долга војна со Израел.

Тој рече дека израелските сили не успеале да ја задржат територијата шест недели од нејзината копнена инвазија и дека Израел не успеал да влезе во јужниот град Хиам минатата недела, јави „Тајмс оф Израел“.

- Сè додека не сте во можност да ги контролирате областите на теренот, нема да ги постигнете вашите политички цели, рече Афиф.

И покрај тврдењата на Хезболах, ИДФ зазеде голем број села во близина на границата за време на нејзината копнена офанзива во јужен Либан, според Тајмс оф Израел, кој наведува дека негови известувачи можеле да посетат неколку од овие села придружувани од ИДФ.

Израел соопшти дека нема планови да ги окупира либанските села на долг временски период или да влегува подлабоко во либанска територија. Целта на копнената офанзива на ИДФ во Либан е да се елиминира заканата од инвазија на Хезболах со уништување на инфраструктурата на милитантната група во пограничните села, пишува порталот. На крајот од „чистењето“ на селата, израелските војници се повлекуваат.

Афиф, исто така, ги негира тврдењата на израелските власти дека Хезболах изгубил поголем дел од своите ракетни способности, укажувајќи на фактот дека сè уште лансира десетици ракети дневно и гаѓа области во централен Израел. На 1 октомври, Израел почна, како што наведе ИДФ, „ограничена и насочена“ копнена операција во јужен Либан против Хезболах.

Целта на Израел е да го потисне Хезболах од границата за да можат безбедно да се вратат дома десетици илјади Израелци евакуирани од своите домови во северен Израел. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан