Хезболах: Израелските прекршувања на примирјето ќе нè принудат на акција
- Генералниот секретар на либанскиот Хезболах, Наим Касем, денеска предупреди дека движење би можело да изгуби трпение поради израелските прекршувања на договорот за примирје.
Бејрут, 5 јануари 2025 (МИА) - Генералниот секретар на либанскиот Хезболах, Наим Касем, денеска предупреди дека движење би можело да изгуби трпение поради израелските прекршувања на договорот за примирје.
Одговарајќи на критиките зошто Хезболах молчи за израелските прекршувања, Касем во телевизиско обраќање изјави дека раководството на движењето самостојно одлучува како и кога ќе пружи отпор, како и какво оружје ќе користи, пренесува агенцијата Анадолија.
- Може да изгубиме трпение за овие прекршувања, а кога ќе одлучиме да дејствуваме, тоа веднаш ќе го видите, изјави тој.
Касем истакна дека договорот за примирје се однесува исклучиво на јужната област од реката Литани и дека либанската држава, заедно со своите поддржувачи, е одговорна за да го контролира Израел и да обезбеди примена на договорот.
Договорот предвидува Израел постепено да ги повлече своите сили јужно од сината линија на разграничување, додека либанската армија треба да се распореди на југот на земјата во рок од 60 дена.
Резолуцијата 1701 на ОН, усвоена во август 2006 година, предвидува целосен прекин на непријателствата меѓу Хезболах и Израел, како и воспоставување зона без оружје меѓу сината линија и реката Литани, освен за либанската армија и мисијата УНИФИЛ.
Според податоците на Министерството за здравство на Либан, од почетокот на израелските напади на Либан во октомври 2023 година, убиени се најмалку 4.063 лица, а повеќе од 16.000 се ранети. ссм/
фото: архива