• недела, 22 декември 2024

Харис го осуди говорот на омраза на антиизраелските демонстранти

Харис го осуди говорот на омраза на антиизраелските демонстранти

Вашингтон, 25 јули 2024 (МИА) – Американската потпретседателка Камала Харис денеска ги осуди „одвратните дела и опасниот говор на омраза на непатриотските анти-израелски демонстранти“ кои вчера протестираа пред зградата на Капитол против обраќањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на заедничка седница на двата дома на Конгресот.

Најмалку шест лица беа уапсени на протестот на кој учествуваа илјадници луѓе и каде се извикуваа антисемитски и про-Хамас пароли и беше уништен имот, а беше запалена кукла со ликот на Нетанјаху, и американско знаме.

- Го осудувам секој поединец кој се здружува со бруталната терористичка организација Хамас, која вети дека ќе ја уништи државата Израел и ќе убива Евреи. Графитите и реториката на Хамас се одвратни и тоа не смееме да го толерираме во нашата земја, рече Харис.

Во соопштението се додава дека го осудува палењето на американското знаме, „симбол на највисоките идеали како нација што ја претставува Америка“, оценувајќи дека никогаш не треба да се сквернави на тој начин.

Таа ја изрази својата поддршка за правото на протест, но рече дека „антисемитизмот, омразата и насилството од секаков вид немаат место“ во САД.

Харис, сега веројатна кандидатка за претседателските избори во ноември, го објави ова пред да се сретне со премиерот Нетанјаху денеска во Белата куќа.

Таа и американскиот претседател Џозеф Бајден го критикуваа Израел дека не прави доволно за да ги заштити цивилите во војната што трае повеќе од девет месеци. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан