• недела, 22 декември 2024

Харадинај: Косово да го спроведе европскиот план, да не остане заложник на деструктивноста на Србија

Харадинај: Косово да го спроведе европскиот план, да не остане заложник на деструктивноста на Србија

Приштина, 29 октомври 2023 (МИА) – Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај изјави дека Косово не треба да биде заложник на деструктивноста на Србија, туку треба да ја продолжи перспективата кон членство во НАТО и Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на Фејсбук вечерва, Харадинај порача дека Косово во континуитет докажува дека е за западните и евроатлантските вредности и е секогаш конструктивно во пристапот за постигнување конечен договор за меѓусебно признавање со Србија.

Според поранешниот косовски премиер, Косово треба без одлагање да го спроведе планот што на почетокот на годинава го предложија Франција и Германија за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија за надминување на меѓусебните спорови.

- Србија, од друга страна, континуирано ги саботира напорите за траен мировен договор меѓу двете земји, со цел да се врати времето на конфликтот. Нема сомнеж дека таа и денес го следи овој курс. Косово во таква ситуација, без да мора да докажува колку е лоша Србија, треба да го следи својот евроатлантски курс и да ги исполни преземените обврски, спроведувајќи го без одлагање француско-германскиот план, напиша Харадинај.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека го прифаќа нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, претставен од западните дипломати, кој беше еден од предусловите за продолжување за продолжување на преговорите со посредство на ЕУ за решавање на споровите меѓу Косово и Србија. Меѓутоа, контактите меѓу Приштина и Белград беа целосно прекинати по нападот во Бањска, во северно Косово, во кој загина еден и беа ранети двајца припадници на косовската полиција, а потоа беа убиени и тројца од напаѓачите, додека остантите пребегнаа во Србија.

Курти исто така го обвини офцијален Белград и српскиот претседател, Александар Вучиќ, дека продолжуваат да ги одбиваат обврските преземени со договорите постигнати во Брисел со посредство на Европската унија и со анексот договорен на лидерската средба во Охрид во март годинава. иа/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан