• среда, 09 октомври 2024

Харадинај за посетата на Курти на косовскиот север: Јунаштво е со полициска дивизија да одиш во сендвичарница

Харадинај за посетата на Курти на косовскиот север: Јунаштво е со полициска дивизија да одиш во сендвичарница

Приштина, 11 септември 2024 (МИА) – Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај, ја нарече „јунаштво“ вчерашната посета на актулениот премиер, Албин Курти на косовскиот север, во придружба на бројни полициски сили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти вчера ги посети општините Лепосавиќ и Северна Митровица во северно Косово, населени со мнозинско српско население, при што, покрај поставувањето камен-темелник на полициска станица и средба со митровичкиот градоначалник, според медиумските извештаи, заедно со министри од Владата, престојувал во ресторан за брза храна во Северна Митровица.

Според Харадинај „не е храброст со полициска дивизија премиерот на државата да оди на дел од својата територија по хамбургер и да го лаже секој граѓанин на Косово дека сè на север е средено“.

„Неговиот страв и параноја ги доведе во заблуда дури и оние кои не треба да грешат. Значи безбедносните механизми“, напиша денеска Харадинај на неговата страница на Фејсбук.

Харадинај вели дека иако Курти „оди со крената глава“, тој одразува страв и „се плаши од сите“.

„Се плаши да се појави пред новинарите и да каже што се случува со Берлинскиот процес и зошто ја туркаат ЕУ кон исклучување на Косово. Се плаши да излезе и да ја каже вистината за неотворањето на мостот (на реката Ибар) и уште ги држи граѓаните во лага дека наскоро ќе биде отворен“, напиша Харадинај.

Поранешниот премиер се осврна и на предлог-законот за Државното биро за проверка и конфискација на неоправдано стекнат имот, што беше усвоен на денешната владина седница, велејќи дека Курти не зборува за тој предлог-закон, бидејќи е сигурен дека први клиенти на тоа Биро ќе бидат неговите соработници.

„Премиерот бега и се плаши од новинари и се чувствува храбар само кога ги турка колегите да излезат да говорат и да не им кажуваат ништо за сите овие теми, бидејќи тој самиот нема што да каже. Денеска не ни зборна за Бирото за конфискација на имот, бидејќи знае дека неговите соработници ќе бидат негови први клиенти, а за себе е сигурен дека ќе избега. Бега бидејќи мисли дека никој нема да го следи во Норвешка“, напиша Харадинај, алудирајќи на државјанството на Курти во Норвешка, каде што живеат неговата сопруга и ќерка. иа/ссм/

Остани поврзан