• недела, 22 декември 2024

ФУЕН на неколку јазици ја објави Резолуцијата за правата на Македонците во Албанија

ФУЕН на неколку јазици ја објави Резолуцијата за правата на Македонците во Албанија
Тирана,  25 октомври 2022 (МИА) - Федералната унија на европските националности (ФУЕН), ја објави Резолуцијата со која се поддржуваат Македонците во Албанија во барањата за надминување на проблемите со кои се соочуваат. Резолуцијата беше предложена од  Македонското друштво „Илинден“ - Тирана и едногласно усвоена на 66-от Конгрес што се одржа од 29 септември до први октомври во Берлин, Сојузна Република Германија. Во документот објавен на англиски, германски и руски јазик,  ФУЕН ја поздравува одлуката на Собранието на Република Албанија за формирање специјална парламентарна комисија за административно-територијални реформи и бара од комисијата да го поддржи формирањето општини Голо Брдо и Гора. -  Во областа Голо Брдо, претходно постоечките општини сега административни единици,  Требиште и Острени се дел од општина Булќиза, додека  Стеблева е дел од општината Либражд. Во областа Гора, административните единици, Шиштавец и Запот се дел од општина Кукс. Областите Голо Брдо и Гора се населена со македонско национално малцинство и има посебни карактеристики. Со формирањето на општините Голо Брдо и Гора ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Истовремено, ќе се зајакне економијата на жителите и ќе се овозможи развој на двете областите, стои во документот. Исто така ФУЕН ја повикува Владата на Република Албанија да го почитува Законот за малцинства, донесен на 13 октомври 2017 година и да донесе пропис предвиден во овој закон, со оглед на тоа што поминаа пет години од донесувањето на Законот за националните малцинства, а до сега не е ништо направено. - Го повикува владиниот комесар за заштита од дискриминација да работи на конкретно спроведување на сите прописи од Законот за малцинствата во Албанија, а од Владата да го прогласи 21 мај – Светски ден на културната различност за дијалог и развој, за национален празник – Ден на националните малцинства во Република Албанија- изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото „Илинден“. Додава дека, според одлуката донесена на Конгресот, ФУЕН Резолуцијата  ќе ја достави до Владата на Република Албанија, шефот на државата, парламентот, комитетот за национални малцинства, комесарот за заштита од дискриминација, амбасади и меѓународните институции. Македонско друштво „Илинден“-Тирана е рамноправен член на ФУЕН од средината на мај 2015 година и стана прво друштво на Македонци надвор од матичната држава во Европа, кое е рамноправен член, со право на глас. Тоа е редовен учесник на Конгресите на унијата. вт/аа/

Остани поврзан