• недела, 22 декември 2024

Фронт 21/24 реагира на прописите за легализација на дивоградби

Фронт 21/24 реагира на прописите за легализација на дивоградби
Скопје, 18 март 2021 (МИА) - Здружението Фронт 21/24  преку соопштение реагира на постапките за двата прописа поврзани со легализација на дивоградби упатувајќи прашања до Владата во однос на нивната примена, меѓу останатото и врз основа на што надлежните институции ќе го прават изборот, по кој закон ќе постапуваат. -Во моментов, во Собранието се води постапка за усвојување на два прописи поврзани со легализација на дивоградби. Еден е нов закон, насловен „Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“, вториот е продолжување на постоечкиот „Закон за постапување со бесправно изградени објекти“. Заклучоците од нашата анализа се многу загрижувачки, а имајќи на ум дека и двата документи се предложени од страна на Владата, се прашуваме дали нашата Влада свесно го поткопува владеењето на правото?!, наведува во соопштение Здружението. Озаконување на бесправно изградени објекти, дополнуваат,  во својата основа има противуставност, бидејќи легализира кривично дело „бесправно градење“ (чл.244-а од Кривичниот законик), но тука не запира правниот хаос во кој Владата ја турка државата, доколку Собранието ги усвои нејзините предлози. -Со новиот Предлог-закон престануваат да важат одредбите од законот кој истовремено се продолжува за уште пет години. Владата предлага продолжување на важноста на законот кој истовремено го укинува со новиот Предлог- закон? И двата закони уредуваат иста материја (утврдување на правен статус на бесправни објекти) и ги опфаќаат бесправните објекти изградени пред 03.03.2011 година. Владата предлага хаос во кој надлежните институции сами ќе одбираат по кој закон ќе постапуваат за објекти изградени до овој период? Врз основа на што ќе се прави овој избор? Новиот Предлог-закон им овозможува на барателите, кои претходно биле правосилно одбиени по постојниот закон, да поднесат ново барање по новиот закон за иста работа. Владата свесно го нарушува принципот на правна сигурност и важноста на правосилните одлуки на надлежните институции?, стои во соопштението. Анализата на двата закона, наведува Здружението, станува особено загрижувачка во контекст на зачувувањето на нашето единствено светско природно и културно наследство - Охридскиот регион. Од Фронт 21/24 прашуваат како ќе изгледа примената на препораката од УНЕСКО во делот на дивоградбите за чија легалзиација беше побарано да се стопираат во 2017. -Благодарение на законите кои ги предлага Владата, во Охридскиот регион ќе може без никакви правни пречки да се легализираат сите дивоградби кои се изградени и поднеле барање до март 2011 година, вклучително и оние кои се веќе одбиени; и сите дивоградби изградени до октомври 2019 година (додуша оние кои нема да имаат негативно влијание во студиите за проценка на влијанието, но бидејќи студии не се спроведуваат и нема да се спроведуваат во догледна иднина – нема ни да има дивоградби со негативно влијание), стои во соопштението. Здружението со забелешка до Владата  дека на јавноста не и било овозможено да биде информирана и вклучена во процесот на донесување за двата закони, односно, како што наведува, го прекрши сопствениот Деловник кој и наметнува обврска да ги објави на ЕНЕР и на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски и да ги земе предвид мислењата на јавноста. -Имајќи на ум дека законите регулираат активност која има влијание врз животната средина, како и специфично влијание врз Светското природно и културно наследство, со неинформирање и спречување на учеството на јавноста, Владата прекрши и две меѓународни конвенции – Архуската и Конвенцијата за светско наследство, велат од Здружението. Со предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, којшто  беше во сила до 3 март, треба да се овозможи негово продолжување уште пет години за да може општините да постапуваат по нерешените предмети за легализација. Со новиот предлог закон за легализација на дивоградби што исто така е во собраниска процедурасе се овозможува легализирање на вакви објекти, со одредени исклучоци, но со плаќање  плус 50 проценти од износот на комуналиите. Ресорниот министер Благој Бочварски на почетокот на месецов изјави дека целта со новиот закон е да престанат нелегалните градби и процесот на градење да се одвива во редовни постапки. -Новиот закон за бесправно изградени објекти којшто е во собраниска процедура е покренат од градоначалниците и со него сите плаќаат 50 проценти плус на комуналиите, со што секој оној којшто изградил бесправно, а ќе се вклопи во идниот развој на плановите ќе плати 50 проценти  од износот на комуналиите како пенали со цел да го натераме народот да престане да гради нелегално, туку да оди во редовните процедури и постапки, рече Бочварски. Важно е, како што наведе, дека со овој закон  решаваме клучни и главни инфраструктурни прашања и проекти на државата, далекуводи, гасоводи, водоводи и различни објекти што биле изградени одамна со сите процедури, но не се впишани во Катастарот. Овој закон треба да помине токму поради продолжување на постапките и процесите во државата. Со Законот за легализација чија важност истече на 3 март можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Новиот предлог закон, пак, се однесува за дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, со исклучок на дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. Од 2011 година кога почна процесот, досега се легализирани 265.264 бесправно изградени објекти. лв/ац/        

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан