• четврток, 04 декември 2025

Фримпонг потпиша за Ливерпул

Фримпонг потпиша за Ливерпул

 

Ливерпул, 30 мај 2025 (МИА) – Холандскиот фудбалер Џереми Фримпонг официјално ги напушти редовите на Баер Леверкузен и кариерата ќе ја продолжи во Ливерпул.

Англискиот шампион попладнево на својата веб-страница објави дека Фримпонг потпишал „долгорочен договор“ со клубот.

Англискиот клуб не ја соопшти вредноста на трансферот, но според инсајдерот Фабрицио Романо станува збор за сума од 35 милиони евра.

„Беше прилично лесно. Ливерпул дојде и рече дека е заинтересиран, и очигледно немаше дилема за мене. Им кажав на моите менаџери да направат сè што е потребно за да го завршат ова“, рече Фримпонг.

Холанѓанецот го носеше дресот на Баер Леверкузен од 2021 година и за германскиот клуб одигра вкупно 190 натпревари на кои постигна 30 голови и додаде 44 асистенции.

Како член на Баер Леверкузен, тој двапати беше избран во идеалниот тим на Бундеслигата, додека во сезоната 2023/24 се најде и во идеалниот тим на Лигата на Европа.

„Навивачи на Ливерпул, ќе го дадам својот максимум, целата моја енергија, мојата посветеност на работата и се надевам дека ќе можеме заедно да победуваме и да славиме заедно. Возбуден сум што сум тука. Ви благодарам што ме прифативте и нема да ве разочарам, ќе ви ја дадам енергијата што ја сакате“, додаде Фримпонг. ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан