Францускиот претседател и британскиот премиер разговараа за глобални прашања
- Францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, разговараа за глобалните прашања, вклучително и Блискиот Исток, а ја повторија и „непоколебливата поддршка“ за Украина, соопшти Кабинетот на британскиот премиер.
![Францускиот претседател и британскиот премиер разговараа за глобални прашања](https://mia.mk/images/20250110203718_big_730x400_94.webp )
Лондон, 10 јануари 2025 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, разговараа за глобалните прашања, вклучително и Блискиот Исток, а ја повторија и „непоколебливата поддршка“ за Украина, соопшти Кабинетот на британскиот премиер.
Како што пренесува Анадолија, Макрон го посети Кир Стармер во резиденцијата Чекерс при што двајцата „ја истакнаа потребата за единство во неизвесните времиња“.
„Во врска со Блискиот Исток, премиерот и претседателот се согласија за важноста на стабилноста и безбедноста во регионот, како и за потребата да се избегне регионална ескалација. Во врска со Украина, лидерите ја повторија својата непоколеблива поддршка (на Киев во неговата тековна војна со Москва) и разговараа за важноста да се обезбеди Украина да биде во најсилна можна позиција во 2025 година“, се вели во соопштението.
Стармер, исто така, го информираше Макрон за „новиот режим на санкции на Обединетото Кралство, кој ќе биде насочен кон финансиските операции на бандите што шверцуваат луѓе“.
Претходно шефот на британската дипломатија Дејвид Лами ги објави плановите за воведување легислатива за нов режим на санкции, чија цел е справување со нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, позиционирајќи ја Британија како прва земја на глобално ниво што спроведува таква рамка.
Политиката е дел од поширокиот „план за промени“ на Владата за обезбедување на границите на Британија преку таргетирање на мрежите за трговија со луѓе и разбивање на криминалните операции што профитираат од шверцот на ранливи поединци.
Фото: Макрон на Х