Француската полиција упадна во седиштето на „Национален собир“ поради можна злоупотреба на средства за изборни кампањи
- Според соопштението на Обвинителството, истрагата е отворена минатата година и се однесува на сомнежи за незаконски заеми и перење пари при финансирањето на изборните кампањи во периодот од 1 јануари 2020 до 12 јули 2024 година. Предметот ги опфаќа претседателските избори во 2022 година, парламентарните истата година, како и европските избори од 2024.
Париз, 9 јули 2025 (МИА) – Француската полиција утринава изврши претрес во централното седиште на крајнодесничарската партија „Национално собир“ во рамки на истрага за можна злоупотреба на средства за изборни кампањи, јави Политико.
Според соопштението на Обвинителството, истрагата е отворена минатата година и се однесува на сомнежи за незаконски заеми и перење пари при финансирањето на изборните кампањи во периодот од 1 јануари 2020 до 12 јули 2024 година. Предметот ги опфаќа претседателските избори во 2022 година, парламентарните истата година, како и европските избори од 2024.
Партијата, која е најпопуларна крајнодесничарска сила во Франција, засега не се соочува со формални обвиненија, но истрагата се проширува и на користење фалсификувани документи.
Претседателот на партијата, Жордан Бардела, потврди на социјалната мрежа Икс дека полицијата упаднала во канцелариите на раководството, запленувајќи електронска пошта, документи и сметководствени книги. Тој акцијата ја нарече „невидена“ и „сериозен удар врз политичкиот плурализам“.
Според Бардела, претресот го спровеле околу дваесет специјалци од финансискиот оддел, вооружени и со заштитни елеци, во придружба на двајца истражни судии.
Акцијата доаѓа во чувствителен политички момент, кога „Национален собир“ води во анкетите пред парламентарните избори.
И покрај тоа што слични претреси беа извршени и во седиштата на други партии – меѓу кои центристичката „Републиканци“ и левичарската „Непокорена Франција“ – истрагата е удар за имиџот на партијата, која се обидува да се претстави како легитимна алтернатива на традиционалните сили. ссм/
фото: принтскрин