• понеделник, 23 декември 2024

Фотонапонски централи ќе се градат во ТИРЗ Струга и ТИРЗ Струмица

Фотонапонски централи ќе се градат во ТИРЗ Струга и ТИРЗ Струмица

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Струга ќе се градат две фотонапонски централи со вкупна моќност од близу 8 MW. Двете централи ќе се градат во рамки на јавно-приватно партнерство со турската компанија Фидес Електрик енерџи, избрана на јавен повик. Јавниот повик беше отворен на крајот на ноември 2023г. во постапка согласно Законот за јавни набавки, во траење од 45 дена, под исти услови за домашни и странски компании, информираат од ТИРЗ.

Во рамки на повикот биле доставени две понуди. Една од избраната компанија, како и една од израелско – кинески конзорциум. Турската компанија ќе треба да изгради фотонапонски електроцентрали во двете зони со вкупна моќност од близу 8 MW. Согласно доставената понуда и спроведената аукција 10 проценти од приходите остварени од производството на електричната енергија компанијата е обврзана да ги уплаќа во државниот Буџет.

Договорот за јавно приватно партнерство се склучува на 25 години. По истекот на овој период, приватниот партнер е обврзан да ја пренесе сопственоста на фотонапонските централи на државата со 80 проценти производствен капацитет. Земјиштето останува сопственост на државата. Приватниот партнер ќе плаќа и годишна такса за земјиштето (наем) од 40 денари за м2.

-Со овие инвестиции, ТИРЗ има за цел да придонесе кон зајакнување на енергетските капацитети на државата, како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд. Токму пристапот до енергија од обновливи извори е барање односно приоритет за повеќето од странските компании кои работат односно имаат интерес да инвестираат во С.Македонија. Со фотонапонските централи директно се придонесува кон зголемување на атрактивноста за инвестирање во земјата, велат од ТИРЗ.

До крајот на месецов ќе биде објавен и нов повик за јавно приватно партнерство за изградба на фотонапонски централи, за која цел се определени над 40 хектари земјиште во ТИРЗ Скопје, Штип и Прилеп.

Станува збор за земјиште што не е погодно за вршење на друга дејност (индустрија) односно гранични парцели кои стојат неискористени над 15 години, а кои со оваа постапка ќе се стават во функција и ќе носат значителни приходи на државата. Јавниот повик ќе биде под исти услови како и успешно завршениот за ТИРЗ Струга и Струмица, подеднакво отворен за домашни и странски компании. сст/са/

фото МИА архива

 


 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан