Фон дер Лајен: Илјада дена по почетокот на руската агресија ЕУ ветува дека ќе продолжи со поддршката за Украина
- Пред 1000 дена Русија се обиде да ја избрише Украина од мапата. По 1000 дена Русија не успеа во тоа поради отпорот на Украина и жртвата на Вашите херои. Денеска е ден на жалост, но и ден на ветување. Ветуваме дека ќе останеме покрај вас, онолку долго колку што е потребно, истакна Фон дер Лајен во видео пораката по повод „1000 дена украински отпор“.
Брисел, 19 ноември 2024 (МИА) – Украина може да биде сигурна дека европската и западната поддршка ќе продолжат со 50 милијарди евра од ЕУ до 2027 година и уште 50 милијарди долари од земјите од Г7 и од Унијата до 2026 година, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во изјава по повод 1000 дена од почетокот на руската агресија врз Украина.
- Пред 1000 дена Русија се обиде да ја избрише Украина од мапата. По 1000 дена Русија не успеа во тоа поради отпорот на Украина и жртвата на Вашите херои. Денеска е ден на жалост, но и ден на ветување. Ветуваме дека ќе останеме покрај вас, онолку долго колку што е потребно, истакна Фон дер Лајен во видео пораката по повод „1000 дена украински отпор“.
Таа потсети на одлуката на ЕУ за користење на приходите од замрзнатите руски средства за поддршка одбранбеното производство во Украина и за поправка на украинската енергетска инфраструктура пред почетокот зимата.
- Русија треба да плати за 1000-та дена злосторства и уништување, наведе Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК најави и дополнителни 65 милиони евра за поддршка за иницијативата на првата дама на Украина, Олена Зеленска за обезбедување на училишни оброци за украинските деца.
- Иднината на една земја започнува со нејзините деца. Русија сака да ја украде иднината на Украина. Тоа нема да го дозволиме. И гарантирањето на правото на образование на децата и обезбедувањето топол оброк во училиштата, исто така претставува форма на отпор, додаде Фон дер Лајен.
Во пораката таа посочи дека претстојната зима „може да биде страшна“, но дека во такви „бурни денови се појавуваат вистинските пријатели“.
- А Европа е вашиот вистински пријател. Знаеме дека еден ден, не толку далечен, ќе бидете дел од нашата Унија. Вашиот напредок кон придружувањето е импресивен, уште повеќе што го остварувате додека водите војна за опстанок. Јас сум убедена дека можеме да преминеме во следната фаза од нашите преговори. Иднината на Украина е во нашата Унија. Вашата слобода е наша слобода. А нашата Унија е вашиот дом. Да живее Европа. Слава Украини, потенцира Фон дер Лајен во пораката до Украинците по повод 1000 дена по почетокот на руската агресија врз Украина. сп/
Фото: Скриншот