• сабота, 21 декември 2024

Фон дер Лајен: ЕПП ќе биде „сидро на стабилноста“ на ЕУ 

Фон дер Лајен: ЕПП ќе биде „сидро на стабилноста“ на ЕУ 

Брисел, 9 јуни 2024 (МИА) - Денеска е добар ден за Европска народна партија (ЕПП), која победи на европските избори, порача вечерва претседателската на Европската комисија и „шпиценкандидатка“ на ЕПП, Урсула фон дер Лајен пред симпатизерите на партијата во Брисел. 

- Ние сме најсилната партија, ние сме сидрото на стабилноста. Заедно со другите ќе изградиме бастион против екстремистите од лево и од десно. Ќе ги спречиме!, порача Фон дер Лајен во првото обраќање по објавувањето на резултатите од европските избори кои укажуваат дека ЕПП ќе остане најсилна политичка група во Европскиот парламент.  

Фон дер Лајен на членовите на ЕПП им порача и дека партијата „ќе ја заштити ЕУ од популистите“. 

Лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, пак, истакна дека постоела загриженост дека во Европскиот парламент ќе влезат „многу политичари кои сакаат да ја уништат Европа“. 

- Испорачуваме за миграцијата, обезбедуваме економски раст, обезбедуваме и одржување на мирот во Европа, во Европската унија. Тоа е она што го нудиме и затоа ЕПП е најдобриот инструмент против десниот екстремизам во Европа, нагласи Вебер. 

Според се уште нецелосните резултати од европските избори што се одржаа од четвртокот до денеска во 27-те земји членки на ЕУ, како што јави дописникот на МИА од Брисел, десно центристичката ЕПП освои 186 пратенички места, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 133 европратеници. 

Трета политичка сила остануваат либералите со 82 мандати, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 70 и екстремно десничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со 60 места. Блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) освои меѓу 53 европратеници, а Левицата 36 места.    

Останатите 100 мандати во 720-члениот Европарламент им припаднаа на партиите што не се членки на ниту една европска група, меѓу кои нив се и екстремно десничарската Алтернативата за Германија (АФД), италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на словачкиот премиерот Роберт Фицо, социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и германската левичарска и популистичка Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ).  

Ваквите резултати ги зголемуваат шансите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е „шпиценкандидатка“ на ЕПП, за реизбор на функцијата. сп/  

Фото: Скриншот 

Остани поврзан