• четврток, 18 април 2024

Фон дер Лајан ја најави својата кандидатура за втор мандат на чело на ЕК

Фон дер Лајан ја најави својата кандидатура за втор мандат на чело на ЕК

Брисел, 19 февруари 2024 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја најави својата кандидатура за втор петгодишен мандат на чело на извршното тело на ЕУ.  

- Мораме да се заштитиме од поделбите одвнатре и однадвор. Сигурна сум дека имаме сила да го сториме тоа, а тоа е задачата што си ја поставив и себеси, изјави Фон дер Лајен во Берлин пред членовите на нејзината матична партија, германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), најавувајќи ја својата кандидатура.  

Официјалната номинација на Фон дер Лајен треба да биде потврдена на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и ЦДУ, што на 6 и 7 март ќе се одржи во Букурешт.    

Со ова се става крај на неколку месечните шпекулации за идните планови на фон дер Лајен, која се споменуваше и како можен кандидат за нов генерален секретар на НАТО.  

Фон дер Лајен е главен фаворит за функцијата, имајќи предвид дека се очекува нејзината ЕПП да освои најмногу пратеници на европските избори во јуни, со што како најголемата партија во Европскиот парламент ќе го има право да го номинира следниот претседател на Комисијата.  

За да го добие вториот мандат, Фон дер Лајен треба да биде номинирана од лидерите на земјите членки на ЕУ, а нејзиниот избор треба да биде потврден од Европскиот парламент на јавно гласање. 

Најава за поддршка на кандидатурата на Фон дер Лајен веќе најавија премиерите на Финска, Петри Орпо, на Шведска, Улф Кристерсон, на Летонија, Евика Силиња и на Литванија, Ингрида Шимоните, кои доаѓаат од редовите на нејзините сестрински партии во ЕПП, но подготвеност за да го поддржи нејзиниот реизбор сигнализираше и шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез. 

Можно противење на вториот мандат на Фон дер Лајен се очекува евентуално од унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија партија Фидес беше исклучена од ЕПП и кој и забележува на ЕК за блокада на милијарди евра од фондовите на ЕУ наменети за Унгарија. Орбан неодамна изјави дека Унгарија „мора да каже не на сегашниот европски модел изграден во Брисел“. 

Клучна за реизборот на Фон дер Лајен би можела да биде поддршката на италијанската премиерка Џорџа Мелони, чија силна антиимиграциска реторика значително омекна по зачестените контакти со претседателката на ЕК и од екстремна десничарка се трансформира во умерен конзервативец. Во услови на очекуван подем на десничарските партии во ЕП, поддршката од Мелони може да биде клучна за реизборот на Фон дер Лајен. 

Фон дер Лајен, која беше министерка во сите четири влади на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, е првата жена на чело на Европската комисија. Таа беше компромисниот кандидат за оваа функција во 2019 година, откако „шпиценкандидатот“ на ЕПП, Манфред Вебер не доби поддршка од лидерите на земјите членки на ЕУ за претседател на ЕК. 

Таа понекогаш беше обвинувана дека има „наметлив стил на владеење“, што предизвика тензии со некои од лидери на ЕУ, но и дека има амбиции за зголемување на моќта на извршната власт на ЕУ. Фон дер Лајен предизвика реакции во ЕУ кога лани во октомври при посетата на Тел Авив го потенцира правото на Израел да се брани од Хамас, без да нагласи дека воениот одговор мора да биде во согласност со меѓународното право. 

Сепак, во текот на нејзиниот мандат, таа драстично ги прошири моќта и амбициите на ЕУ, започнувајќи големи транзиции, како оние кон зелена и дигитална економија, преиспитување на безбедноста и одбраната на Унијата и зајакнувањето на нејзината економска безбедност, како и заеднички набавки на вакцини и финансирањето на испораката на оружје.  

Нејзе и се припишува и заслугата за зајакнатото единство на ЕУ во услови на променет политички пејзаж во Европа и геополитичка неизвесност, чие задржување се очекува да биде главен предизвик за време на нејзиниот веројатен втор мандат. сп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан