• недела, 22 декември 2024

ФК Вардар го претстави новиот сопственик

ФК Вардар го претстави новиот сопственик

Скопје, 11 октомври 2024 (МИА) - Фудбалскиот клуб Вардар денеска преку соопштение потврди дека има нов сопственик, откако унгарскиот бизнисмен Атила Бижен Жалили купил 85 отсто од акциите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Во соопштение споделено преку фудбалскиот клуб, сопственикот се обрати до фановите, потврдувајќи го преземањето на клубот.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7 октомври според претходно потпишаниот договор, 85 отсто од акциите на АД ФК Вардар-Скопје се преземени, а со тоа и управувачкиот пакет на компанијата.

Со нашето големо искуство во менаџирање на фудбалски џинови и соработка со десетици познати клубови ширум Европа, ние ќе обезбедиме брза финансиска, организациска и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија.

Во изминативе неколку години, како дополнување на бизнисот кој го имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции пред нас. Но благодарејќи на упорноста и аргументите презентирани од Миленко Неделковски, се одлучивме за најголемиот спортски бренд во Македонија.

Да го направиме Вардар повторно голем“, стои во обраќањето на Жалили до македонската фудбалска јавност.

Ваквата објава доаѓа по серијата на протести на навивачката група Комити, кои бараат оставки од раководството на клубот и Миленко Неделковски. На натпреварите тие скандираа пораки со барања Неделковски да се повлече од клубот. дс

Фото: Архива

Остани поврзан