• четврток, 26 март 2026

„Фич“ и „Стандард енд Пурс Глобал“ го подигнаа кредитниот рејтинг на Бугарија

„Фич“ и „Стандард енд Пурс Глобал“ го подигнаа кредитниот рејтинг на Бугарија

Софија, 11 јули 2025 (МИА/БТА) – Меѓународните рејтинг агенции „Стандард енд Пурс“ (S&P Global Ratings) и „Фич“ (Fitch Ratings) го подигнаа долгорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска валута за едно ниво, на „BBB+“ со стабилна перспектива.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Ова е највисокото ниво на инвестициски рејтинзи од средната класа, соопшти Министерството за финансии.

Водечкиот фактор за ова зголемување, во рамките на вонредните кредитни активности на двете агенции, е официјалната одлука на Советот на Европската унија за приклучување на Бугарија кон еврозоната, почнувајќи од 1 јануари 2026 година, посочува финансискиот сектор.

Подигнувањето на кредитниот рејтинг беше очекувано, откако во своја анализа Фискалниот совет во јуни посочи дека во последните 20 години секоја држава која добила одобрение за приклучување кон еврозоната го подигнала својот кредитен рејтинг веќе во наредниот месец. На крајот на мај, „Стандард енд Пурс“ го потврди долгорочниот и краткорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска и локална валута „BBB/A-2“ со позитивна перспектива, посочувајќи дека одлуката за прифаќање на земјата во монетарната унија може да доведе до подигнување на рејтингот. „Фич“ го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на земјата во странска и локална валута „BBB“ со позитивна перспектива во април.

Во образложението за подигнување на рејтингот, „Стандард енд Пурс“ забележува дека Бугарија ќе има корист од сигурната монетарна политика на Европската централна банка (ЕЦБ) и развиените пазари на капитал на монетарната унија, а валутниот ризик значително ќе се намали. Членството на Бугарија во ЕУ и претстојното приклучување кон еврозоната продолжуваат да ѝ обезбедуваат на земјата спроведување на важни политики, според експертите на агенцијата.

Краткорочните изгледи за раст на Бугарија се оценети како „стабилни“. Прогнозата е дека економијата ќе порасне за 2,4 отсто во реална смисла во 2025 година и просечно за 2,8 отсто до 2028 година. Приватната потрошувачка ќе биде главен двигател на растот, поддржана од високиот раст на реалните плати поради затегнатиот пазар на труд, според анализата.

„Фич“ го гледа прифаќањето на еврото како позитивно за рејтингот, бидејќи влезот во еврозоната ќе му даде на државниот долг статус на резервна валута, ќе ја зајакне рамката на монетарната политика, ќе ги намали трансакциските трошоци, ќе го елиминира ризикот од девизниот курс за фирмите и домаќинствата и ќе отвори дополнителни можности за надворешно финансирање. Бугарските банки исто така ќе имаат пристап до ликвидните олеснувања на ЕЦБ.

Рејтинг агенцијата очекува реален раст на БДП од 2,8 отсто во 2025 година, непроменет во однос на 2024 година, бидејќи неизвесноста околу светската трговија е компензирана со подобрената внатрешно-политичка ситуација. Силниот раст на номиналните плати, заедно со зголемувањето на потрошувачката пред влезот во еврозоната, ќе ги поддржат стабилните трошоци на домаќинствата. „Фич“ прогнозира реален раст на БДП од 2,5 отсто во 2026 година, со можности за дополнително зголемување, поврзани со прифаќањето на еврото.

______________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан