• петок, 05 декември 2025

Фифти Сент „исплашен“ од Диди

Фифти Сент „исплашен“ од Диди

Лос Анџелес, 28 мај 2025 (МИА) - Поранешната асистентка и соработничка на Диди - Каприкорн Кларк, инаку и поранешна директорка на неговата компанија „Бед бој ентертејнмент“ (Bad Boy Entertainment), сведочеше на неговото судење. Меѓу другото, таа спомна дека тој во една прилика зборувал и за своето огнено оружје.

Американскиот рапер Шон Комбс (55), попознат како Диди, говорел за тоа по настан на „Ем-ти-ви“ (MTV) на којшто присуствувал и неговиот рап-соперник Фифти Сент (49). Кларк, според нејзината изјава - во тој миг, со Диди и неговиот поранешен менаџер биле во лифт, кога Диди раскажувал за пиштолот и своите „проблеми“ со популарниот Фифти.

„Навистина не сакам да пукам. Не го правам тоа, а сакам пиштоли“, наводно рекол Диди со многу сериозен тон.

Фифти (со вистинско име Кертис Џексон) „будно“ го следи судењето и не му требаше долго време за да возврати во свој стил. Раперот саркастично реагираше на „Инстаграм“ - со слика со својот лик, направена од вештачка интелигенција, на којашто во одело стои пред камера.

„Сечи, сечи. Чекај малку - 'Пафи' има пиштол? Ма, не ми се верува. Не се чувствувам безбедно 'ЛОЛ',“ напиша Џексон.

Во друга објава, тој покрај друга ВИ-слика од себеси, со исплашено лице, порачува: „О, Боже мој, малиот Диди сака да умрам. Мора да бидам тивок. Мислам дека ќе се кријам на плејоф-натпреварот вечер“.

Фифти Сент и Диди никогаш не биле блиски, иако и двајцата се важни личности во светот на хип-хопот во САД. Фифти честопати го провоцира со својата зајадливост, а меѓу другото, неодамна тврдеше и дека Диди околу себе „имал убави жени за да ја скрие својата хомосексуалност“, наводно. Говореше и за неговите секс-забави коишто му биле „туѓи“ на Џексон.  си/ми/

Фото: Инстаграм

Остани поврзан