• недела, 24 ноември 2024

ФИФА му изрече шестмесечна суспензија на Ето

ФИФА му изрече шестмесечна суспензија на Ето

 

Цирих, 30 септември 2024 (МИА) – Дисциплинската комисија на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) му изрече денеска суспензија во траење од шест месеци на претседателот на Фудбалската федерација на Камерун, Самуел Ето (43), поради кршење на дисциплинските прописи.

На поранешниот прославен напаѓач, кој ја води камерунската Федерација од декември 2021 година, во следните шест месеци ќе му биде забрането да присуствува на натпреварите на сите машки и женски репрезентации на Камерун, без разлика на возраста.

Ето е казнет за инцидентот на осминафиналниот натпревар меѓу Камерун и Бразил на Светското првенство во фудбал до 20 години, одиграно во Богота на 11 септември.

Дисциплинската комисија на ФИФА не објави детали за инцидентот. Во соопштението само се вели дека Ето е прогласен за виновен за „навредливо однесување и кршење на принципите на фер-плеј“, како и „недолично однесување“ во кое се вклучени официјални лица.

Во текот на својата фудбалска кариера, Ето играше за многу познати клубови, вклучувајќи ги Реал Мадрид, Барселона, Интер, Челзи и Евертон, додека за репрезентацијата на Камерун забележа 118 настапи и постигна рекордни 56 голови. ег

ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан