• недела, 22 декември 2024

Филков: Десетина дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил според законите

Филков: Десетина дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил според законите

Скопје, 1 септември 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити да биде во куќен притвор поранешниот припадник на ОВК Блеким Рамадани, кој потоа избега од државата, е погрешна и во спротивност со досегашната пракса. 

Филков вели дека ова прашање треба да биде приоритет посочувајќи дека веќе 10-тина дена се чека Судскиот совет да одлучи дали Пајазити постапил согласно законите. 

- Одлуката на судијата не само што е погрешна, туку е во спротивност на досегашната пракса. А нашата цел е целосна примена на законите во државата за секого без исклучок. Ова прашање треба да има приоритет, а веќе 10 дена го чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил согласно законите, што не е така и доколку се разгледаат сите докази, аргументи и факти ќе биде констатирано дека не, не одлучил правилно. Ако бидеме искрени ќе признаеме дека во одлуката на судијата Пајазити е отсликано сето она што го поткопува правниот систем во државата и против кое безусловно ќе се бориме да го смениме. Затоа ни се потребни темелни реформи. Оваа постапка и оваа одлука укажуваат дека мора да спроведеме реформски процеси за да изградиме правен систем каде ќе има еднаква правда за сите. Систем каде ќе доминираат вистински професионалци, законски и правни принципи, а не други интереси или пак уште полошо партиски послушници, вели Филков во интервју за Фактор.

Во однос на најавените реформи за Судскиот совет, Филков вели дека целта е да се создаде целосно независно судско тело кое ќе носи аргументирани и законски и правно издржани одлуки. 

- Започнавме со тоа независноста на ова тело да биде постигната не со предлозите од Владата, од Парламентот, од Претседателот, туку напротив предлозите за нови членови да дојдат од самите судии и обвинители, самите да ги изберат најдобрите и најпринципиелните меѓу нив. И затоа дадовме време Советот односно самите со гласање или каков и да е механизам, да ги изберат своите членови. Но, од нивна страна се уште нема никаков одговор, ниту некаква реакција, ниту одлука, вели Филков. бак/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан