• петок, 05 декември 2025

Филипче од Куманово: Со СДСМ и Костовски пазарот ќе се реконструира, нема да се продава

Филипче од Куманово: Со СДСМ и Костовски пазарот ќе се реконструира, нема да се продава

Куманово, 2 октомври 2025 (МИА) - Пазарот во Куманово нема да се продава, во програмата предвидена е негова реконструкција и модренизација, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој денеска со кандидатот за градоначалник Мартин Костовски и кандидатите за советници се сретнаа со производителите, продавачите и граѓаните на зелениот градски пазар.

Тој рече дека производителите се пожалиле на недоволната поддршка од државата, а граѓаните на високите цени за што Филипче рече дека „виновни се лошите, економски политики на Владата“. - Сите само се жалат, земјоделците и продавачите на тоа дека немаат никаква поддршка од државата, во однос на производството дека веќе силно чувствуваат дека субвенциите се укинати, дека нема авансни плаќања. Тоа сериозно влијае на производството, а понатаму и на цените на производите. Граѓаните кажуваат дека купуваат сè помалку и го чувствуваат на тоа што укажуваме целиот изминат период, а тоа се лошите економски политики на владата, рече Филипче.

Филипче рече дека кумановскиот пазар нема да се продава, како што му пренеле дел од вработените кои стравуваат за своите работни места и го обвини актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски дека планирал да го продава пазарот.

- Дозволете да кажам поради тоа што дел оттука изразија стравувања дека се слуша и сè погласно се зборува дека актуелниот градоначалник Максим Димитриевски планирал да го продаде пазарот, сакам да кажам дека во нашата програма јасно стои дека прво пазарот нема да се продава, кажа Филипче.

Зборувајќи за програмата на СДСМ за локалните избори во Куманово, Филипче нагласи дека е предвидена реконструкција на пазарот, соодветно покривање, подземна гаража за подобро услови за работа. Претседателот на СДСМ рече дека Костовски има програма за млади, за возрасните, за младите претприемачи, сè што е потребно Куманово да стане модерен и европски град со различни содржини за сите.

Одговарајќи на новинарски прашања и неговиот став за изјавите на актеулениот градоначалник Максим Димитриевски дека ќе победи во првиот круг, Филипче кажа дека е сигурен во победата на Костовски, но и на останатите кандидати за градоначалници од СДСМ. За Костовски, рече, тој е фаворит за победа во Куманово бидејќи е чесен и вреден човек, кој професионално ги извршувал работите, нагласувајќи дека „граѓаните веќе се свесни и нема да дозволат повторно да бидат прелажани“.

- Граѓаните веќе сфатија дека имаат работа со луѓе коишто лажат, неисполнуваат, даваат само лажни ветувања, само црни кампањи и никаква работа за граѓаните. Не знам како може да се надева Максим Димитриевски да победи, таканаречениот патриот излезе дека е лажен патриот, ќе се бореше против корупција, криминал и „седи во скутот на власта и ги поддржува ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржува сите политики на ВМРО ДПМНЕ“. Сè се сведе на неговите лични интереси, околу „Лидл“ и сето тоа што го објавивме пред јавноста, рече Филипче.

Тој кажа дека кумановци се свесни дека Димитриевски не заслужува уште еден мандат и дека лично застанува зад Костовски и неговата програма, како што рече, според истражувањата одлично поминува помеѓу кумановци.

Одговарајќи на новинарски прашања дека дел од пензионерите не се задоволни од линеарното исплаќање на пензионерите, Филипче кажа дека и оваа група граѓани „се прелажани“ од власта исто како и „работниците, на кои платата им се намалува на здравствените и просветните работници кои не добија зголемување на платите, земјоделците на кои им се укинати субвенциите и незголемената социјална помош“.

- Сега и пензионерите сфатија дека се излажани. Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега сите ќе добиеја повеќе пари. Оваа влада едноставно им ги зема парите коишто претходно им беа зголемени. Да останеше нашиот систем на методологија, со цел да има стабилно гарантирано зголемување на пензиите соодветно сега 97 отсто од вкупниот број пензионери наместо илјада ќе земаат 2.000 денари. Освен што го нарушија системот на зголемување на пензии со воведување на таканареченото линеарно зголемување на пензиите, го загрозија и работењето на Фондот. „Дупката во фондот“ после исплатените претходни 5.000 денари, од 30 се зголеми на 50 проценти. Тоа значи дека пола од сумата на пари којашто државата исплаќа кон пензионерите ја покрива Владата, едноставно нема пари во фондот. Ние таква дупка во фондот затекнавме во 2017 година, постепено ја намаливме до 30 отсто, имавме систем којшто го зајакнува фондот и којшто гарантира стабилна исплата на соодветна сума на пари на пензионерите, рече Филипче.

Тој укажа дека со сегашните 1.000 денари, пензионерите нема да почувстуваат ништо поради инфлацијата и кажа дека е уште една „лажна кампања“ додавајќи дека и тие можеле да ветат во 2024-та 6.000 денари.

- Тоа не е работата, не можеш да ги прелажеш граѓаните, треба да им кажеш како се работи во нивна корист и во интерес на државата, кажа Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања, дека премиерот го обвинил за водење „црна кампања“, Филипче кажа дека таква кампања има од другата страна. - Не знам кај и во што ја гледа премиерот црната кампања, еве тој посегнува сега го слушам вчера повторно, тие нивни напади реконструкции, измислени приказни, Дубаи авиони, станови итн. Јасно е човекот нема што да каже, нема ниту едно исполнето ветување, нема ниту еден проект со којшто може да се пофали и посегнува по тоа. Ние не водиме црна кампања, ние ја кажуваме црната вистина во државата којашто дојде како резултат на неговите политики. Ете тоа ние го правиме во овој момент, кажа Филипче. ам/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан