• среда, 16 октомври 2024

Филипче: Категорично сум против етнички поделби во науката

Филипче: Категорично сум против етнички поделби во науката

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче објави дека е категорично против етнички поделби во науката по идејата за формирање паралелна академија за науки и уметности на Албанците. 

-Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање паралелна нова академија за науки и уметности. Преседан е создавање „етнички чисти" институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици, напиша  Филипче на својот фејсбук-профил.

Тој потенцира дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите.

-СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател, ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството, пишува Филипче во реакцијата.

Како што вели, „жалам што оваа идеја ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, а со тоа и ја одобрува“  и најави дека „СДСМ со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои треба да го финансираат овој проект“. хс/цр

Фото: МИА архива 

Остани поврзан