• вторник, 02 јули 2024

Фајненшл Тајмс: Израелската армија ќе се обиде да создаде „хуманитарни енклави“ во Газа без Хамас

Фајненшл Тајмс: Израелската армија ќе се обиде да создаде „хуманитарни енклави“ во Газа без Хамас

Ерусалим, 1 јули 2024 (МИА) - Предлогот на израелската армија за создавање „хуманитарни енклави за цивили кои не се поврзани со Хамас“ во Газа наскоро ќе биде применет во неколку населени места на северот на палестинската територија, пишува „Фајненшл тајмс“.

Врз основа на наводниот план, израелските сили засега би биле задолжени за безбедноста, а Палестинците постепено би ја преземале цивилната администрација.

Доколку овој план успее на северот на Газа, Израел би воспоставил енклави и на нејзиниот југ, поставувајќи ги темелите за замена на раководството на Хамас во цела Газа.

Некои од познавачите на планот ги намалија шансите за успех и за британскиот весник изјавија дека Израел веќе испробал сличен метод во различни делови на централна и северна Газа со локалните палестински кланови.

Официјални лица рекоа дека Израел од ноември се обидувал да најде потенцијално локално раководство кое не е поврзано со Хамас, но без успех.

Целта е да се вклучи меѓународната заедница и палестинската управа, која владее на другата палестинска територија, окупираниот Западен Брег, и да се вклучат умерените арапски земји кои дипломатски и финансиски би ја преземале одговорноста за Газа по војната.

Членовите на таа коалиција практично би управувале со „хуманитарните енклави“.

Познавачите на ова прашање рекоа дека има планови за обука на поранешни вработени во палестинската управа во Јордан и на Западниот Брег и дека американскиот потполковник Мајкл Фензел ќе ја преземе одговорноста за безбедноста на енклавите каде што не е Хамас.

Шефот на разузнавањето на палестинските власти, Махед Фарај, веќе идентификувал неколку илјади луѓе кои би можеле да го направат тоа, според ФТ.

На тој план се противат луѓе блиски до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху бидејќи не сакаат да ја прифатат палестинската управа и во Појасот Газа.

Советникот за национална безбедност на Израел, Чахи Ханегби минатата недела изјави дека спроведувањето на планот ќе започне во наредните денови во северниот дел на Газа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан