• понеделник, 23 декември 2024

УЈП спречи измама со поврат на ДДВ од над 160 милиони денари на нафтени компании

УЈП спречи измама со поврат на ДДВ од над 160 милиони денари на нафтени компании

Скопје, 15 јануари 2024 (МИА) - Управата за јавни приходи денеска објави детали за начинот на кој нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход.

На брифинг за медиуми од УЈП информираа за спроведени контроли кај три даночни обврзници регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало кои пристапиле кон изигрување на законите преку промена на назив и седиште на правното лице, како и промена на сопственичката и управувачката структура, без да имаат пријавени вработени, соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, бензинска пумпа и складишен простор, служејќи се со фиктивни фактури за милионски суми.  Станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи.

-Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117.130 денари и за Данок на личен  доход од 18  969.998 денари, информираше директорката на УЈП Сања Лукаревска.

За овие случаи УЈП доставиле писмени пријави со докази до ОЈО и МВР на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.

Кај првиот контролиран случај станува збор за  утврдени неправилности по основ на  ДДВ од 79.350.190 денари, во вториот од  26.090.205 денари, а во третиот случај за 54.676 милиони денари.
 
Како што соопшти Лукаревска, УЈП спровела постапка за  присилна наплата на Данок на солидарност  кај осум даночни обврзници, кај седум е завршена и останува уште еден од трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, а кој треба да уплати уште шест милиони денари. лв/ац/

Остани поврзан