• петок, 11 октомври 2024

Училиштето во село Бањица ќе биде готово во најскоро време, вели министерката Јаневска

Училиштето во село Бањица ќе биде готово во најскоро време, вели министерката Јаневска

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Изградбата на новото модуларно училиште во село Бањица ќе почне веднаш штом ќе биде потпишан договорот со изведувачот што ќе биде избран на повикот од кој веќе се разгледуваат понудите, а се очекува да биде готово најдоцна за два месеца, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

- Во училиштето „Дитурија“ во село Бањица веќе е направена платформата. Беше објавен јавен повик. Тој е завршен. Сега се разгледуваат понудите. Кога ќе се заврши тој процес и времето на жалба веднаш ќе се потпише договорот со оној што ќе ја добие работата и тој веднаш ќе почне со изградба на училиштето. Тука нема да има никаков застој. Како ќе му платиме на изведувачот се договараме ние со изведувачот. Но, јас ви гарантирам, можете да отидете таму да видите дека бетонската платформа е направена истиот ден кога ќе го потпишеме договорот луѓето ќе почнат да работат и училиштето ќе биде готово во најскоро време, изјави Јаневска на новинарско прашање по посетата на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром.

Целиот проект ќе чини околу 6,5 милиони денари. 

- Ние ќе се договараме со изведувачот, граѓаните воопшто да не се секираат, училиштето ќе биде готово претпоставувам најдолго за два месеци иако ќе се договориме за роковите оти тоа не е големо училиште, можеби и порано, рече Јаневска, потсетувајќи дека назначувањето на директор е работа на општината. 

Како што најави неодамна градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, по изградбата на училиштето, во него треба да биде преместена новоформираната албанската паралелка од лани, која пo противењето на родителите на учениците Македонци, со одлука на Министерството за образование и наука привремено беше сместена во просторија на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка“, а е заведена во склоп на ООУ „Лирија“ од село Горно Јаболчиште.

Платформата за училиштето е изградена со средства од буџетот на Општина Чашка, а останатите средства ги обезбедува Министерството за образование и наука. Училиштето ќе има три училници, канцеларија за наставниците, тоалети и други помошни простории за парно затоплување. лв/бак/

Фото: Општина Чашка/МИА 

 

Остани поврзан