Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието
- -Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст. Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова, стои во соопштението.
Скопје, 5 ноември 2025 (МИА) - Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, денеска го посетиле Собранието на Република Северна Македонија, каде што оствариле средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.
Како што соопшти собраниската прес-служба, средбата се реализирала во рамки на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.
-Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст. Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова, стои во соопштението.

Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборувала за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.
Пратеничката Зајкова се осврнала на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.
-Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности, се наведува во соопштението.
Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознале со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом. Од Собранието посочуваат дека оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост. нд/бак/
Фото: Собрание