• понеделник, 23 декември 2024

Учениците и децата во градинките во Штип ќе учат како се селектира отпад

Учениците и децата во градинките во Штип ќе учат како се селектира отпад

Штип, 24 април 2023 (МИА) - За решавање на проблемот на проблемот за селектирање на отпад, Општина Штип во соработка со „Пакомак“ од утре започнува да спроведува проект за едукација на најмалите во однос на селектирањето. Ќе се започне со едукативни настани на кои преку видео-презентација на децата од градинките и основните училишта ќе им се претстави и објасни селекцијата на отпадот. Со цел градење здрави навики, утре во градинката „Вера Циривири – Трена“ ќе бидат поделени и здрави слатки работи. 

-Во основното училиште ќе бидат опфатени од прво до петто одделение и наша замисла е да во секое одделение, односно со секој клас да имаме средба и на истата да го претставиме проектот преку видео-презентација на која секое едно дете ќе може да види, да поставува прашања, да се вклучи преку некоја активност додека го презентираме,  рече  Маријана Зенделова од Општина Штип.

Проектот во ваква форма ќе трае до крајот на тековната учебна година, а од есен повторно ќе следат настани во областа на зачувувањето на животната средина. Резултатите треба да бидат долгорочни, односно да се видат и по три или пет години.

Комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков на денешната прес-конференција истакна дека мал број на граѓани во Штип вршат селекција на отпад, а најчесто се селектира стаклото. Посочи дека  една од причините за тоа е недоволниот број садови или т.н. ѕвона за селекција на отпад на територија на општината, но и недоволната едукација и заложба од страна на граѓаните.

-Со селекција на отпадот има поставено нови контејнери кои се за стакло, за хартија, за пластика и за лименки. Моментално, од мое лично искуство, можам да кажам граѓаните не го селектираат отпадот. Најчесто се селектира стаклото, бидејќи Општината има поставено повеќе зелени ѕвона за стаклен отпад, додека од жолтите и сините контејнери има во помали количини. Луѓето, граѓаните не се научени да го селектираат отпадот, вели Везенков. 
 
Везенков посочува дека очекуваните резултати од овој проект можеме да набавиме контејнери од сите овие видови во голем број, да бидат покриени сите локации во централното градско подрачје и целта е да ги научиме граѓаните дека треба да го селектираат отпадот, а знаете дека за да научат граѓаните треба да почнеме од најмалите. вдј/фф/
 
Фото: МИА

Остани поврзан