• сабота, 29 јуни 2024

Утврдена програмата за Демирхисарската летна школа

Утврдена програмата за Демирхисарската летна школа
Демир Хисар, 11 април 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски на средба со членови на научно-организацискиот одбор ја утврдија програмата за претстојната Демирхисарската летна школа. Годинашната, петта по ред Демирхисарска летна школа, повторно се враќа под покровителство на Општина Демир Хисар и ќе се одржи од 7 до 12 јули. Школата ќе биде отворена и ќе се одржува во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, на 7 јули, на големиот православен празник, раѓањето на свети Јован Претеча - Иванден. - Демирхисарската летна школа концепциски претставува едукативно-научна и културна манифестација која во себе обединува пет работни секции - археологија, историја, архитектура, историја на уметност и теологија. Активностите на школата се насочени кон истражување, проучување, промовирање и афирмирање на културно-историските традиции и вредности на демирхисарско преку работа со 20-25 студенти, додипломци и пост-дипломци од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и „Гоце Делчев“ од Штип, но и студенти од странство, информираа од Општина Демир Хисар. Организаторите, Општина Демир Хисар и манастирот во Слепче заедно со Истражувачкиот центар за културно наследство на МАНУ, подготвуваат посебна програма. -Предвидените активности опфаќаат ретроспективна изложба на која ќе се презентираат резултатите и постигнувањата од активностите на Школата со застапеност на сите работни секции низ 30 паноа, постери и банери, оригинални артефакти, дигитални копии на средновековни ракописи и значајни историски документи, како и две публикации во чест на јубилејот. Годинава, првпат како посебна тематска цел на интерес, во рамки на историската секција ќе биде вклучен и локалитетот на црквата Св. Петка во селото Света каде што се наоѓа гробот на илинденецот Ѓорѓи Ралев Скршениот и гробовите на револуционери од ова населено место, посочија од локалната самоуправа, по средбата на градоначалникот Најдовски со научниот рааководител на Школата, проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ и членовите на Одборот отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“ и Благоја Шундовски, администратор на проектот. Демирхисарската летна школа финансиски е поддржана од Општина Демир Хисар, манастирот „Св. Јован Крстител“ во Слепче и Министерството за култура. мт/бак/  

Остани поврзан