• недела, 22 декември 2024

Уставниот суд поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди

Уставниот суд поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди

Скопје, 12 септември 2024 (МИА)  -Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди.

- Уставниот суд поведе постапка за Параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија бр.02-295/1 од 16.07.2012 година. Оспорена содржина: „Во воените објекти се забранува вршење на верски обреди”, информираат од Судот.

Во оваа фаза од постапката, Судот  изразил сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група. 

Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на Законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт. 

Уставниот суд по направената анализа оцени дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „materia legis”, oдносно законска материја и во никој случај не може да се регулира со Правило. 

Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за неговата уставност и законитост.  дма/лв/

Фото:Уставен суд

Остани поврзан