• четврток, 03 октомври 2024

Уставниот суд на денешната седница ќе расправа за „балансерот“

Уставниот суд  на денешната седница ќе расправа за „балансерот“

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) – Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за  „балансерот” - алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

- Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот. 

Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност. Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор.

Според подносителот, со оспорената одредба од Правилникот директно се прекршуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративен службеник кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место со што се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во неодамнешното интервју за МИА рече дека за овој предмет очекува расправа базирана исклучиво на правни аргументи, и одлука на Судот како израз и резултат на уставно правна-анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или било какво друго расудување. 

На дневен ред на денешната 24. седница на Уставниот суд се пет иницијативи за оценување на уставност и законитост, шест предлози за одлучување со нацрт одлуки (предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата) и нацрт-решенија за осум предмети. дма/нд/

Фото: МИА архива

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан