Унијата за Медитеранот предупредува дека се повеќе се зголемува нивото на морето
- Унијата за Медитеранот, институција која обединува 27 земји на ЕУ и уште 16 од брегот на Средоземното Море, предупредува дека нивото на морето се повеќе се зголемува, нанесувајќи сол на земјоделските површини, што може да го намали производството на храна и безбедносно да ги загрози земјите.
Барселона, 5 март 2023 (МИА) - Унијата за Медитеранот, институција која обединува 27 земји на ЕУ и уште 16 од брегот на Средоземното Море, предупредува дека нивото на морето се повеќе се зголемува, нанесувајќи сол на земјоделските површини, што може да го намали производството на храна и безбедносно да ги загрози земјите.
Медитеранот, по Арктикот на север, е второто подрачје во светот кое најбрзо се загрева, во голема мерка благодарение на ослободувањето на штетни гасови.
Граменос Мастројени, заменик генерален секретар на Унијата, рече дека „нивото на морето брзо подигнува“.
„Не е проблем што повеќе вода доаѓа на копното, како на пример во Венеција, туку што тоа е солена вода, а таа значи смрт за земјоделството“, изјави тој во крајбрежниот град Барселона, каде што се наоѓа седиштето на Унијата за Медитеранот.
Мастројени, Италијанец задолжен за енергетска и климатска акција во таа институција, вели дека „40 отсто од земјоделството во медитеранскиот регион се одвива покрај брегот“.
„Имаме проблем во областа на делтата на реката По, но сериозна закана е потенцијалното насолување на делтата на Нил во Египет, што може да ја загрози безбедноста на таа голема земја“, рече Мастројени.
Како последица на тоа, од Египет, земја во северна Африка со 102 милиони жители, би можела да почне миграцијата на гладните и сиромашните луѓе кон европската страна на Медитеранот.
Во ноември, Мастројени беше во Египет на конференцијата на ОН за климатски промени, каде Медитеранот за прв пат имаше свој павилјон за да предупреди на проблемите.
„Досега медитеранските земји беа поделени во преговорите за климатските промени. Секоја од нив се обиде да и помогне на својата група земји да ги постигне своите цели, но овој пат се собравме за да ги решиме заедничките проблеми. Сакавме да предупредиме дека Медитеранот е во опасност“, додаде Мастројени. рп/