Изложба на шеесетина уметнички дела создадени од ученици, студенти и академски кадар од Универзитетот на ЈИЕ
- Библиотеката „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа вечерва во Тетово организираше завршна активност во рамки на проектот „Уметноста во библиотеката“ со изложба на шеесетина уметнички дела.
Тетово, 28 септември 2023 (МИА) – Библиотеката „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа вечерва во Тетово организираше завршна активност во рамки на проектот „Уметноста во библиотеката“ со изложба на шеесетина уметнички дела.
Станува збор за претежно уметнички слики кои се создадени од ученици, студенти и вработени во Универзитетот на Југоисточна Европа со пасија и желба за уметност.
-Имаше неколку фази како се развиваше проектот. Прво имавме презентации и обуки за развојот на библиотеката и за сите тие услови и извори кои ги нуди како установа. Следуваше курс за уметничко сликање кои ги имаа учениците, студентите и вработените. Тие се претставени со различни мотиви, секој беше слободен да црта тоа што сака, сите цртежи се од луѓе кои имаат желба и пасија но немаат некоја специјална обука, информираше Елмедина Абдулахи, директорка на библиотеката „Макс ван дер Штул“.
Обуките и курсеви за сликање се одржале во просторија на Универзитетот на Југоисточна Европа која е посебно наменета за уметничката работилница, но и идните културни настани што се планираат во оваа високообразовна установа. Создадените уметнички дела вечерва беа изложени во Уметничката галерија во Тетово.
- По изложбата тука во Уметничката галерија овие 60-тина дела ќе бидат изложени во специјалната просторија на Универзитетот и остануваат таму, поточно ќе бидат поставени во сите простории од кампусот во Тетово како и во Скопје. Со оглед дека ова е втора ваква изложба УЈИЕ ќе биде побогат за вкупно 120 нови уметнички дела, истакна Елмедина Абдулахи
Покрај уметничките дела, присутните имаа можност да погледнат и видеозапис создаден во рамки на проектот. Проектот е поддржан од Министерството за култура. ас/свс/
Фото:МИА