• сабота, 22 февруари 2025

Унгарскиот регион Њугат-Дунантул единствен во ЕУ со повеќе жени ИТ експерти од мажи 

Унгарскиот регион Њугат-Дунантул единствен во ЕУ со повеќе жени ИТ експерти од мажи 

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Во секторот на информатичка технологија во ЕУ владее полова доминација на мажите, со исклучок на унгарскиот регион Њугат-Дунантул (Западно Придунавје), кој е единствениот во Унијата каде има повеќе жени ИТ експерти од мажи. 

Според податоците Европската статистичка агенција – Евростат, во европскиот ИТ сектор се ангажирани над 10 милиони лица, но само нешто под една третина или 32,2 отсто од нив се жени. 

За разлика од ова во Њугат-Дунантул дури 50,2 проценти од ИТ професионалците се жени, уривајќи го табуто дека овој сектор е „машки“.  

По Њугат-Дунантул, според застапеноста на жените во ИТ секторот е италијанскиот регион Марке, каде 48,6 проценти од компјутерџиите се жени, а на третото место е уште еден унгарски регион Есак-Маѓаросаг (Северна Унгарија), каде учеството на припадничките на „понежниот пол“ е 48,1 отсто. 

Од друга страна, најмала застапеност на жените во ИТ секторот од само 8,3 проценти има во грчкиот регион Тесалија. 

Најголем број вработени ИТ експерти има во германската покраина  Баварија и тоа 476.000, пред парискиот регион Ил де Франс со 469.100 и две покраини во Германија - Северна Рајна-Вестфалија со 466.100 и Баден-Виртемберг со 434.100 информатичко-технолошки професионалци. 

Најмалку, пак, ИТ експерти, под 5.000, има во грчките региони Пелопонез и Крит и во италијанскиот Болцано.

Инаку, во европскиот ИТ сектор се ангажиран 5,2 отсто од вкупната работната сила во ЕУ. сп/ 

Фото: Евростат 

Остани поврзан