• четврток, 07 ноември 2024

Украина тврди: Севернокорејски генерали и илјадници војници во Русија

Украина тврди: Севернокорејски генерали и илјадници војници во Русија

Киев, 31 октомври 2024 (МИА) - Украинската влада идентификуваше тројца севернокорејски генерали – Ким Јонг Бок, Ри Чанг Хо и Син Кум Чеол, за кои Киев тврди дека се наоѓаат во Русија со илјадници севернокорејски војници.

Во изјава пред Советот за безбедност на ОН, украинската делегација соопшти дека тројцата генерали се дел од најмалку 500 севернокорејски офицери испратени во Русија.

Според информациите, планот е севернокорејските трупи да бидат распоредени во најмалку пет формации од по 2.000 до 3.000 војници и да бидат интегрирани во руските единици за да се прикрие нивното присуство во борбите, се наведува во соопштението.

Украина го идентификуваше Ким Јонг Бок, генерал кој командува со специјалните сили, вклучително и корпусот КСИ, познат како Корпус Бура, за кој јужнокорејската разузнавачка служба објави дека е испратен во Русија.

Ким годинава се појавил на седум настани со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, вклучително и на вежби на специјалните сили.

Исто така, Украина ги идентификуваше Ри Чанг Хо, заменик-началник на Генералштабот, и Син Кум Чеол, началник на Главната оперативна управа.

Ри, кој е началник на Главната разузнавачка служба на Северна Кореја од 2022 година, беше санкциониран од Јужна Кореја, која тврди дека тој надгледувал хакерски активности со цел кражба на технологии и странски валути.

Како и Ким Јонг Бок, и Ри го придружувал лидерот Ким Џонг-ун на голем број настани оваа година, вклучувајќи и инспекција на морнаричка база на источниот брег.

Северна Кореја и Русија првично негираа присуство на севернокорејски трупи во Русија, но на состанокот на Советот за безбедност на ОН, рускиот претставник Василиј Небензја изјави дека воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја не го прекршува меѓународното право и дека Москва има право да побара помош од своите партнери.

Се верува дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во источна Русија на обука и дека тие веројатно ќе ги засилат руските сили „во близина на Украина во наредните неколку недели“, според податоците на Министерството за одбрана на САД. ссм/

фото: архива

Остани поврзан