• петок, 22 ноември 2024

Украина: Два руски погранични региони се активни борбени зони

Украина: Два руски погранични региони се активни борбени зони

Киев, 15 март 2024 (МИА) - Висок украински разузнавач изјави дека вооружени групи, наводно составени од Руси кои се против Кремљ, вршат упади на руска територија, претворајќи два погранични региони во „активни борбени зони“.

Три групи со седиште во Украина претходно објавија дека спроведуваат вооружени операции во руските региони Белгород и Курск, барајќи од жителите таму да ги евакуираат градовите и селата за своја безбедност.

- Регионите Курск и Белгород сега се област на активни борбени операции. Ова е она што го потврдуваме. И како што рекоа доброволците и бунтовниците, станува збор за руски граѓани кои, немајќи други опции, ги бранат своите граѓански права со оружје против режимот на Путин, изјави Андриј Јусов, портпарол на украинската воена разузнавачка служба ГУР.

Вјачеслав Гладков, гувернер на руската област Белгород, претходно изјави дека две лица загинале, а најмалку 20 се повредени во напади на украинските вооружени сили внатре во границата. Руското Министерство за одбрана соопшти дека спречило напад на украинската армија.

Гладков доцна синоќа преку Телеграм објави дека оди во пограничните региони на Русија, поточно во градот Козинка, за да дознае од прва рака за тие настани.

Руски воени блогери претходно објавија дека руски падобранци биле испратени во градот. Гувернерот на Курската област Роман Старовоит на Телеграм изјави дека „украинските терористи не прекинаа со обидите да донесат диверзанти на нашата територија“.

Една од трите вооружени групи, Руската легија на слободата, на Телеграм објави дека поради ограничената воена операција што се спроведува во два региона, бара од жителите на одредени градови да ја напуштат областа. Вториот сибирски баталјон, пак, објави дека во градот Граиворон, во близина на Козинка, владее панично расположение и дека автомобилите чекаат на ред за заминување. Двете групи претходно оваа недела објавија дека започнале прекуграничен упад. паг/

Фото: Икс



 

Остани поврзан